/Прочитано:

828

КАРЛ ОСТРИНГ, ПРЕДАВАЧ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА НА АКАДЕМИК – Главниот правен застапник е клучен за одржливоста на една компанија

Карл Остринг е главниот правен застапник на компанијата „АБ Тракшн“ од Шведска и експерт на полето на договорното и корпоративното право и интернационалните комерцијални трансакции, со долгогодишно искуство во стечајната постапка и реструктурирањето на бизниси. Карл Остринг е човекот кој е заслужен за претставувањето на голем број интернационални компании во Шведска. Во неговата професионална биографија значајно место зазема и работата како директор во компанијата „Дрилкон АБ“ и во компанијата „Дурок АБ“. Остринг е член и на Одборот на Шведско-рускиот бизнис-клуб.

Еден од предавачите на овогодишната конференција е Карл Остринг, главниот правен застапник на „АБ Тракшн“, инвестициска компанија активна на берзата Насдак Стокхолм. Тој е дел од нејзиниот тим од 2011 година, од кога исто така работи и како менаџер за ризик.

На профилот на Остринг на веб-страницата „Блумберг“ е наведено дека тој работи во полето на договорното право, корпоративното право и интернационалните комерцијални трансакции. Покрај тоа, Остринг има искуство и во стечајната постапка и реструктурирање на бизнисот.

Предности од вработувањето главен правен застапник во компанијата

Во интервју за Академик тој вели дека поминал 11 години од својата професионална кариера работејќи како адвокат во правни фирми, а последниве шест години работи како главен правен застапник.

Споредувајќи ја работата во адвокатските фирми со работењето за компанија како главен правен застапник, Остринг вели дека за една компанија што има цел да биде одржлива и конкурентна на пазарот постојат неколку предности во вработувањето главен правен застапник:

Усогласување на интересите – кога во работата се фокусирам единствено на ефикасно решавање на случаите. Никој во компанијата не смета дека јас си додавам работа со цел да ја подобрам наплатата; предзнаење – можам да работам поефективно бидејќи добро го познавам бизнисот на компанијата и бидејќи можам да ги избегнам аспектите кои се неважни во работата и мрежата од адвокати кои работат во различни области – на тој начин можам да им ги препратам сите веќе идентификувани и изолирани прашања на оние што се најсоодветни да ги одговорат и со тоа ги ограничувам и ги намалувам нашите правни трошоци.

Остринг наведува дека компанијата во која работи има многу холдинзи и дека се приспособуваат според потребите на секој холдинг посебно. На некои холдинзи им се потребни многу правни услуги, а пак на други им е потребно само усогласување со барањата кои се веќе воспоставени. Затоа, вели Остринг, не е едноставно да се одговори на прашањето колку тој како главен правен застапник учествува и во креирањето на политиката на работа на „АБ Тракшн“.

karl 1

„Ние сме инвестициска компанија со приближно 20 холдинзи со различна големина. Еден финансиски голем холдинг поседува 17 % од акциите на компанија за челик на берзата, со годишен обрт од 450 милиони евра, во што ние немаме удел, освен преку Одборот. Во некои случаи ние поседуваме 100 % од акциите и тогаш треба да се приспособуваме според бизнисот; некои имаат голема потреба од правни услуги, а пак други имаат само потреба од тоа како да ги исполнат барањата за да бидат на берза“, вели Остринг.

Како да избегнете ризик при изборот на бизнис-партнер

Остринг наведува дека при изборот на бизнис-проекти или при изборот на бизнис-партнери со кои соработуваат најчесто водат сметка компанијата да биде регистрирана и да има високо ниво на професионалност. Кога станува збор за поголема компанија, додава Остринг, со голем број на вработени во главното седиште, таа веќе ги има воспоставено своите навики во работата. Поради тоа, при одлучувањето за тоа дали една компанија е соодветна за соработка го насочуваме фокусот на стратегиски прашања, како на пример: придобивање на конкуренцијата, или додавањето бизнис, или ревидирање на финансиските истражувања и на развојот и напредок, со цел да освоиме дополнителни пазари, вели Остринг.

„Во други случаи, кога се работи за компанија која е во својот зародиш, дали ќе стане позната може да зависи само од неколку индивидуи и кога соработувате со нив мора да работите многу напорно за да воспоставите рутина и бизнис кои ќе градат вредности во работата на компанијата, а не кај луѓето бидејќи тие се менливи и можат да си заминат. Колку и да изненадува овој факт, познавам случаи во кои инвеститорите му дале значителна сума на пари на основачот и го испратиле дома со купишта пари, но и со големо и релевантно знаење. За неколку години истиот тој човек може да биде вашата најлоша конкуренција додека се докажува дека е тешко да се најде соодветна замена за него“, вели Остринг.

Остринг има големо искуство во претставувањето на интернационални компании во Шведска. Тој ја започнува својата професионална кариера во 2000 година и работи на корпоративни и судски прашања и на прашања на несолвентност. Во ова поле се задржува шест години. Потоа работи како директор во „Дрилкон АБ“, а од 2013 година е директор во „Дурок АБ“. Остринг е член и на Одборот на Шведско-рускиот бизнис-клуб.

Конференцијата на Академик, на која како предавач ќе настапи Карл Остринг, ги обединува лидерите во правниот свет кои се занимаваат со управувањето со правни ризици, а оваа година акцентот ќе биде ставен на правните трендови, односно на запознавање на нашите учесници со најновите и најдобрите правни практики во сферата на правниот дизајн, со алтернативните правни практики во адвокатските компании, со новините во користењето на правните услуги, со усогласеноста со законите и етичките норми со придобивките што ги има компанијата од работата на својот главен правен застапник, со управувањето со таленти и со регионалните правни достигнувања.

Академик ви стои на располагање на 02/3232-821, формуларот за регистрирање можете да го најдете тука, а повеќе информации можете да најдете на www.akademikconference.com.mk .

Наскоро очекувајте го претставувањето и на останатите предавачи на овогодишната конференција на Академик.

М. С.

АКАДЕМИК КОНФЕРЕНЦИЈА Управување со правни ризици: Правни трендови – Skopje Legal Risk Management: Legal Trends, 18 – 19 октомври, 2016 година