/ Прочитано:

3.419

Ќе се бришат одредбите за тајните друштва од Законот за трговските друштва

Владата го утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување на Законот за трговскитe друштва, во кој се предвидува да се изврши бришење на одредбите за тајни друштва од Законот за трговските друштва за да се зголеми транспарентноста во правниот промет и да се намалат можностите за даночно затајување.

„На овој начин и со отстранување на оваа форма од правниот промет, Република Македонија ќе ја задржи оцената за размена на информации по барање на даночни цели и истата ќе има позитивно влијание и во однос на скрининг мисијата на работната група при Советот на ЕУ, која ја креира листата на некооперативни јурисдикции за даночни цели“, истакнуваат од Владата.

Во Законот за трговските друштва се вели дека „тајно друштво настанува со договор со кој едно лице (таен содружник) вложува, односно учествува со паричен и непаричен влог во претпријатието на друго лице – претприемач – јавен содружник и врз основа на влогот стекнува право да учествува во добивката и во загубата на претпријатието. Влогот на тајниот содружник влегува во имотот на претприемачот – јавниот содружник.“

Тајното друштво нема правен субјективитет и нема фирма. Тајното друштво, се пропишува во Законот за трговските друштва, постои само во односите меѓу тајниот содружник и претприемачот – јавниот содружник и не настапува во односите со трети лица.  Претприемачот настапува во правниот промет и е исклучителен носител на сите права и обврски од работењето.

М.В