/ Прочитано:

1.101

Ќе се унапредува кривичноправната заштита на српските адвокати – се иницираат законски измени и воведување на нови кривични дела

Министерство за правда на Србија објавува дека на првиот состанок на работната група за унапредување на кривичноправната заштита на адвокатите и нивната положба, одржан во Адвокатската комора на Србија, членовите на групата биле информирани за процесот во врска со убиството на познатиот адвокат Драгослав Огњановиќ.

„Иако на почетокот на 2017 година Републичкото јавно обвинителство ѝ достави на Комората информации за бројот на кривични предмети во кои адвокатите се наоѓаат во својство на оштетени, членовите на работната група се согласија повторно да се обратат до Обвинителството за да се запознаат со најновите податоци во врска со овие предмети. Членовите на работната група истакнаа дека податоците се неопходни за да се иницираат измени на законодавството и воведување на нови кривични дела“, соопштуваат од Министерството за правда на Србија, од каде што додаваат дека работната група ќе се состанува на неделно ниво.

Работната група во Министерството за правда е основана од министерката Нела Кубуровиќ, и во неа членуваат претставници на адвокатурата, Обвинителството, Министерството за внатрешни работи и Врховниот касационен суд. Формирањето на работната група следува по убиството на  адвокатот Драгослав Огњановиќ. Педесет и седумгодишниот Огњановиќ беше застрелан пред влезот на зградата во која живееше во Нов Белград. При нападот беше ранет и неговиот 26-годишен син.

Огњановиќ беше адвокат на водачот на „Земунскиот клан“, Лука Бојовиќ, на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, како и на неговата сопруга Мира Марковиќ.

По убиството на Огњановиќ, Управниот одбор на Адвокатската комора на Србија донесе одлука за еднонеделен прекин на работата на српските адвокати во знак на протест за убиството на нивниот колега. Со овој протест упатуваме порака до јавноста за ризикот во кој се наоѓаат адвокатите во Србија, со кој секојдневно се соочуваат вршејќи ја својата професионална должност чија цел е заштита на човековите права и слободи и функционирање на правдата.

За убиството на Огњановиќ реагираа и од Здружението на судии на Србија. Адвокатската професија, истакнуваат од Здружението, е дел од правосудниот систем и нападот на адвокат значи и напад  врз правосудството.

Од Адвокатската комора на Србија веќе години наназад алармираат дека состојбата на адвокатите во земјата, во поглед на нивната безбедност, е крајно сериозна и дека мора да се работи на подобрување на нивната положба, како од аспект на заштитата и безбедноста така и од аспект на регулативата со која се уредува нивната положба и дејствувањето.

Нападот врз адвокат е напад врз правосудството: Српските адвокати протестираат поради убиството на нивниот колега

М.В