/ Прочитано:

1.992

Клеветата од аспект на судската практика и Судот во Стразбур

Денеска во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, со поддршка на Европската Унија и Советот на Европа, започна дводневниот настан посветен на прашањето за клеветата.

Денешниот настан, на кој присуствуваа  судии, адвокати и претставници од правосудството и институциите, со поздравно обраќање го отвори директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, која го нагласи значењето на денешното советување кое обработува мошне важна и актуелна тема, како од аспект на домашната судска практика така и од аспект на практиката на Судот во Стразбур.

За концептот на клевета говореше Александар Шопов, претседател на Основниот суд Велес, додека пак за нормативната рамка во домашното и меѓународното право говореше Лидија Димова, судијка во Основниот суд Велес.

За прашањето на примената на правните принципи и клеветата и јавните личности говореше адвокатката Ивана Роања, која воедно е и експерт на Советот на Европа. Во врска со темата на советувањето беа презентирани и случаи од  домашната судска практика.

Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета ја гарантира слободата на изразување и информирање како една од битните основи на демократското општество.

Ограничувањата на слободата на изразување и информирање законски се уредуваат со определување на стриктни услови за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и практиката на Европскиот суд за човекови права.

Ако судот со примена на одредбите од овој закон не може да реши определено прашање поврзано со утврдувањето на одговорноста за навреда или клевета, или ако смета дека постои законска празнина или судир на одредбите на овој закон со Европската конвенција за заштита на основните човекови права, врз начелото на нејзино предимство над домашното право ќе ги примени одредбите на Европската конвенција за заштита на основните човекови права и становиштата на Европскиот суд за човекови права содржани во неговите пресуди.

На утрешниот втор ден од советувањето говорниците ќе ги елаборираат прашањата за правата и ограничувањата, во согласност со ЕКЧП, за слободата на изразување и ограничувањето на медиумите, за одговорноста на новинарите и санкциите и за моќта на медиумите и злоупотребата на моќта.

Во членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права се пропишува дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Но, овој член не ги спречува државите да им наметнуваат на претпријатијата за радио, филм и телевизија режим на дозволи за работа.

Остварувањето на овие слободи, што вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, за заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, за заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

M.В