/ Прочитано:

2.214

Кои посебни истражни мерки се применувале и во колкав број – Годишниот извештај на Обвинителството пред пратениците

Забележливо е дека примената на посебните истражни мерки во 2017 година има тренд на намалување во однос на 2016 година, и тоа 29% кај бројот на случаите и 22% кај бројот на лицата кои биле опфатени со мерките, се вели во Извештајот на Јавното обвинителството на РМ за примената на посебните истражни мерки за 2017 година.

Според извештајот, мерката „Следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон“ била употребена во 32 случаи.

Мерката „Увид во остварени телефонски и други електронски комуникации“ била употребена во 30 случаи.

Мерката  „Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен“ била употребена во 14 случаи.

Во 3 случаи била употребена мерката „Симулирано давање и примање поткуп“, додека пак во 2 случаи била употребена мерката „Користење на лица со прикриен идентитет за снимање, следење и собирање на информации или податоци и инфилтрирање во организирани криминални групи“.

Мерките „Следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации“, „Симулиран откуп на предмети“ и „Таен увид и пребарување во компјутерски систем“ биле  применети во 1 случај.

Мерките  „Автоматско, или на друг начин, пребарување и споредување на личните податоци“ и „Отворање симулирана банкарска сметка“ не биле употребени во ниту еден случај, а истото се однесува и за мерката „Симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци и создавање услови за инфилтрирање“.

За 7.993 обвиненија донесени се осудителни пресуди во 90% од случаите, се нотира во извештајот на Јавното обвинителство

М.В