/ Прочитано:

1.568

Командирот на еден од обвинетите кој бил полицаец и локално население од Кумановско сведочеа на денешното рочиште за „Дива Населба“

Во вкрстено испрашување Бајрами го праша својот претпоставен дали знаел дека бил приведен во станица и дека тој како негов командир имал законска обврска да присуствува додека него го испрашуваат, на што сведокот одговори дека не знаел, односно дека не бил известен дека Бајрами е приведен.

diva-naselba-4

На продолжението на судењето за случајот „Дива Населба“ сведочеа сведоци предложени од страна на обвинителството. Покрај жители од локалното население од Кумановско, пред Судот сведочеше и полицаец, командирот на еден од обвинетите од вооружената група кој исто така бил полицаец.

Сведокот Зоран Станојковски истакна дека колегата Арсим Бајрами, обвинет во случајот, не се јавил на наредбата, издадена утрото на 9 мај, дека сите полициски службеници мора да се јават во полициска станица.

„Колегата на кого сум му претпоставен ме извести дека не може да дојде бидејќи ќерка му е болна и дека ќе побара боледување“, рече Станојковски.

Во 12:00 часот истиот ден, командирите на неколку полициски станици биле повикани на состанок во СВР Куманово каде што го прашале Станојковски зошто Бајрами не се јавил на работа. Подоцна Бајрами дошол во СВР Куманово, но веднаш бил изнесен од просторијата од страна на специјалните единици. Сведокот го видел Бајрами дури вечерта, во полициска станица, кога во негово присуство му бил вршен распит.

„Арсим рече дека познава некого од групата. Не знам за кои лица го прашуваа бидејќи не споменуваа имиња туку му покажуваа фотографии од лицата“, рече Станојковски.

Во вкрстено испрашување Бајрами го праша својот претпоставен дали знаел дека бил приведен во станица и дека тој како негов командир имал законска обврска да присуствува додека него го испрашуваат, на што сведокот одговори дека не знаел, односно дека не бил известен дека Бајрами е приведен.

Станојковски истакна дека се познава со Бајрами од 2009 година и дека нивната професионална комуникација била секогаш коректна. Потенцираше дека Бајрами бил командир на Полициската станица „Белановце“, но поради дисциплински прекршок бил деградиран за две позиции и бил прераспределен во Полициската станица „Пелинце“.

diva-naselba-1

Жител на кумановската Дива Населба во своето сведочење истакна дека ноќна на 8 мај добил повик од сопругата која му рекла да се врати дома бидејќи нешто се случува во населбата. Тој ноќта отишол кај соседот, а неговата сопруга и трите деца отишле кај роднини во Лојане.

Пукањето, како што вели, го слушнале утрото и цел ден го поминале во куќата на соседот легнати на земја и сокриени под кревет.

„Кога се запали куќата до нас, почнавме да излегуваме со соседот, видовме дека полицијата пука и ги кренавме рацете и кажавме дека сме цивили, но полицијата нѐ легна на земја и нѐ држеше 40 минути“, рече сведокот Африм Таири.

Потоа биле однесени во полициска станица каде што биле задржани 24 часа.

На прашање на обвинителството зошто жената и децата ги пратил кај роднини, сведокот рече дека тие биле исплашени и дека не биле единствените што ноќта пред воените дејствија заминале од кумановската населба бидејќи слушнале дека ќе има акција за дрога.

Таири посочи дека се познава со тројца од обвинетите, Фадиљ Фејзулаху, Ирфан Љутвиу и Бесник Ајдини.

Според одбраната, од исказите на денешните сведоци се покажало дека во критичните денови тие не виделе ниту еден од обвинетите.

„Сведоците посочија дека во критичните денови не виделе никој од обвинетите ниту, пак, некој во униформа“, изјави адвокатот Мефаил Арслани.

Во случајот „Дива Населба“ 29 лица се обвинети за терористичко организирање и тероризам за случувањата од 9 и 10 мај во Кумановско. Во борбените престрелки беа убиени 8 припадници на полициските единици и 10 припадници на вооружената група

Процесот продолжува на 10 март.

Марија Севриева