/ Прочитано:

1.963

Комеморација по повод 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи

Денес се одржа комеморација по повод 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи. Претседателот на Владата Зоран Заев и претставниците на Еврејската заедница во Република Македонија, заедно со премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, потпретседателот на Владата на Романија Ана Бирчал и министерот за надворешни работи на Република Полска Јацек Чапутович, како и други високи гости од земјата и од странство, на почетокот од програмата на комеморацијата учествуваа во Маршот на живите, од локацијата на поранешната железничка станица во Скопје до некогашниот Монопол, кој во 1943 година беше собирен центар за депортација во логорот на смртта во Треблинка.

На спомен-обележјето во чест на депортираните Евреи од Македонија во дворот на некогашниот Тутунски комбинат Скопје со пригодни говори се обратија претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, претседателот на Владата на Република Бугарија Бојко Борисов и претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија Берта Романо-Николиќ.

Во своето обраќање, премиерот Заев истакна дека со оваа комеморација оддаваме почит, се сеќаваме и одбележуваме 75 години од деновите кога 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, но и од цела Македонија беа собрани во просториите на тогашниот Монопол и беа испратени на еден пат од кој никогаш не се вратија.

„Нивниот најголем ‘престап’ беше нивното постоење, нивната култура, нивната традиција, нивната заедница. За тоа беа казнети со најдраконската казна и беа предвреме оттргнати од своите најблиски, од својата земја, од своите животи. Геноцидот над Евреите во Втората светска војна беше борба на деструктивни и антицивилизациски сили против сета добрина и љубов, против пријателството и човештвото. Холокаустот беше борба против луѓето, слободата и против нашето заедништво“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

„Нашата сплотеност во осудувањето и сеќавањето на депортацијата на нашите сограѓани во логорот на смртта Треблинка е повеќе од само симболична. Денес ги повторуваме лекциите од минатото за уште посилно да си го осветлиме патоказот за иднината, којшто заеднички го избравме. Омразата не е наш избор. Прифаќањето на различностите, љубовта кон ближниот, но и почитта кон другиот, поддршката, соработката и пријателството се вредностите коишто ги прифаќаме со нашите мисли и срца, а ги чуваме со нашите дела. Никогаш да не заборавиме што се случи тука пред 75 години. Историјата се повторува само за оние коишто стануваат слепи за минатото. Ние нема да бидеме слепи и ќе продолжиме да се сеќаваме. За никогаш да не се повтори“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на комеморацијата по повод 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во логорите на смртта.

Бојко Борисов, претседател на Владата на Република Бугарија, во своето обраќање потенцираше дека масовната егзекуција на невини луѓе за време на Втората светска војна е едно од најтешките злосторства во човечката историја.
Претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија Берта Романо-Николиќ во обраќањето по повод сеќавањето за холокаустот на Евреите од Македонија нагласи дека геноцидот на цел еден народ во Втората светска војна останува општо мерило за тоа што може да предизвика злото што се крие во човекот.

„Без сеќавање нема иднина. Во име на иднината проштеваме, но не забораваме зашто и страдањата на тие луѓе се наша одговорност“, рече во своето обраќање по повод 75-годишнината од овој трагичен настан претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија Берта Романо-Николиќ.

Комеморацијата по повод 75-годишнината од холокаустот на Евреите од Македонија заврши со молитвите Ашкава и Кадиш и со полагање венци со свежо цвеќе на спомен-обележјето во некогашниот Монопол во Скопје.

Исто така, и над 2.000 илјади граѓани од Битола и целата земја, државни делегации од Македонија и Израел, претставници на невладини организации, но и голем број потомци на битолски Евреи од Израел, од Латинска Америка и од САД, на 11 март, со Марш на живите по битолскиот Широк сокак се вклучија во одбележувањето на 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи.

Комеморативната програма во Битола, под покровителство на Владата на Република Македонија и Интернационалниот марш на животот, ја организираше Општина Битола во соработка со Здружението „Архам“, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.

M.В