/ Прочитано:

1.933

Коментар на „Фајнанс тинк“ за движењата на економските показатели

Во првиот квартал од 2018 година, истакнуваат од „Фајнанс тинк“, економијата порасна за само 0,1% во однос на истиот квартал лани.

На позитивната страна, извозот продолжува да расте со слично темпо како и претходно, главно воден од активностите во економските зони. На негативната страна, падот кај бруто-инвестициите продолжува да биде значаен (-9%), додека падот во градежништвото е рекорден досега (-37,2%).

Фајнанс тинк“ оценува дека податоците за првиот квартал се само рефлексија на она што се случуваше во претходната година: економијата беше ставена во целост во заден план. Особено е загрижувачки што нема раст во првиот квартал годинава, дури и при многу ниска споредбена основа од 2017 година (кога растот изнесуваше 0%). Запирањето или забавувањето на важни инфраструктурни проекти (што резултираше и со најголема досега подреализација на капиталните инвестиции во буџетот) и забавеноста во реализацијата на странските инвестиции се двигателите на отсуството на раст.

Дополнително загрижува растот на потрошувачката на домаќинствата (2,3%), во услови на пораст на платата кај сегменти од населението кои се повеќе склони кон потрошувачка.

Сепак, и покрај ваквите движења кај БДП, стапката на невработеност забележа понатамошно намалување. Темпото на намалување на невработеноста е слично како во претходниот период. Но, падот на невработеноста главно се должи на исцрпување на ефектите од претходните политики: вработувањата во странските фабрики (пораст на вработеноста во преработувачката индустрија) и активните мерки за вработување.

Погорните движења се материјализација на ризиците на кои „Фајнанс тинк“ укажа уште во март, а кои ќе повлечат и надолна ревизија на стапката на раст за целата 2018 година.

Владин фокус врз економијата и повторно заживување на растот сега се попотребни од кога било претходно. Дополнително, ваквата слика покажува дека фокусот мора да биде врз тоа како да креираме нова вредност во економијата, главно преку мерки за поттикнување на домашните и странските инвестиции и извозот.

М.В