/ Прочитано:

1.463

Коментар на „Фајнанс тинк“  за мерките за економски раст објавени од Владата на РМ

„Фајнанс тинк“ го објави ставот за мерките за економски раст на Владата на Република Македонија.

Владата на Република Македонија ги објави економските мерки во рамки на планот за економски раст. Целта на мерките е да ја зголеми конкурентноста на приватниот сектор, да го забрза економскиот раст и да ја подобри благосостојбата на граѓаните.

Мерките се структурирани во три категории: мерки за нови „Гринфилд“ инвестиции и зголемување на конкурентноста на економските субјекти, мерки за поддршка на извозот и мерки за поддршка на мали и средни претпријатија.

„Фајнанс тинк“  смета дека мерките ќе дадат позитивен финансиски импулс на компаниите на краток рок. Стратегијата за ориентирање кон извозот, односно создавање нова вредност во економијата преку извоз – би обезбедила подолгорочна стабилност на бизнис секторот. Но, треба да се води сметка и за унапредување на капацитетите на домашните компании од аспект на идентификување потреба и свесност за технолошки развој, иновативност и меки вештини за доближување до капацитетите на странските компании. Ова е важно со цел на среден рок малите и средните компании да станат поконкурентни и самоодржливи. Сепак, со цел ефектите од овие мерки да се максимизираат, „Фајнанс тинк“ ги дава следниве препораки на носителите на политиките: финансиската поддршка за извоз директно да биде сврзана со извозот на финални производи и производи со највисока домашна додадена вредност.

Домашната додадена вредност би се пресметала како сооднос на вредноста на инпути купени на домашниот пазар и вкупните приходи на компаниите. Соодветно на тоа, потребно е да се издиференцираат неколку групи компании, а износот на субвенциите да биде највисок за компаниите со највисока домашна додадена вредност. Разликите во бенефициите помеѓу две последователни групи треба да бидат значајни во финансиска смисла, за да создадат поттик за една фирма да се стреми кон повисоката група.

„Фајнанс тинк“ дава детален преглед на придобивките од мерката за поттикнување на домашната додадена вредност во Брифот за политики број 1, од март 2013 година.

– Дизајнот на мерките ги таргетира успешните компании, кои најверојатно најлесно може да одговорат на критериумите (да ги зголемат приходите, да набават нова технологија, да инвестираат во нови погони или да инвестираат во истражувачки центри). Но, истовремено е потребно да се зголеми поддршката за „можности“ на малите и средните претпријатија. Во оваа група поддршка би биле: градење меки вештини, градење свесност за потреба од нови технологии и инвестирање во технологија преку вмрежување со домашни и странски компании кои се на понапредно технолошко ниво. Една од насоките е финансиска поддршка за менторство и трансфер на знаење од странските компании кон домашните во земјата и/или од домашните поразвиени компании кон помалку развиените.

– Стимулирањето странските фабрики да набавуваат домашни инпути ги надополнува идентификуваните недостатоци од недоволната поврзаност на странските директни инвестиции и домашните компании. Поттикнувањето на поврзување на странските инвестиции и домашните компании ќе ги интензивира бенефитите од трансфер на знаење и технолошки напредок од една страна, а од друга страна, ќе го зголеми производството на домашните компании. Сепак, потребно е да се размисли и во насока на таргетирање сектори во кои странските компании ќе работат, сè со цел да привлечеме компании кои се најкомпатибилни со доменот на дејствување на домашните компании и со вештините на слободната работна сила, за поврзувањето да биде поедноставно и со поголеми ефекти.

– Мерката за формирање развојни центри и истражувачки одделенија да биде овозможена и за домашните компании. Или мерката да предвиди можност за инвестирање во универзални центри за истражување кои ќе можат истовремено да бидат користени од повеќе компании.

– Во процесот на имплементација на мерката за финансиска поддршка на новокреирано високоплатено место, платата да биде утврдена врз основа на систематизацијата на работни места и плати за тоа место. Ова е со цел да се избегнат злоупотреба и дискриминација во плата на две лица со исти карактеристики и позиција, но со различни плати поради субвенциите.

– Една од целите на мерките е поттикнување благосостојба на граѓаните. Оттука, да се води сметка за дисперзираноста на инвестициите по региони и особено помалку развиени места и/или места со висока невработеност, за бенефитите од подобрувањето на благосостојбата на граѓаните да се што е можно порамномерни.

– Анализата/те според кои се дизајнирани мерките да бидат јавно објавени. Исто така, непосредно пред имплементацијата на мерките да се направи анализа на бенефитите и ефектите од мерките и соодветно на тоа да се приорeтизира распоредот на средства во зависност од резултатите. Ова е со цел да ги избегнеме минатите искуства од слепа имплементација на мерки, кои потоа доведоа до мали или никакви ефекти.

М.В