/Прочитано:

2.170

Коментари на Институтот за човекови права за новиот Предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација

Институтот за човекови права до Министерството за труд и социјална политика поднесе Коментари на новиот Предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација.

Коментарите на Институтот за човекови права ги пренесуваме интегрално:

„Го поздравуваме новиот Предлог-Закон за спречување и заштита од дискриминација од кој е видна заложбата за промоција и заштита на човековите права на сите граѓани и групи подеднакво и тоа на подостапен и професионален начин во однос на досегашната состојба. Особено го поздравуваме континуираниот инклузивен процес во постапката за измена на антидискриминаторската регулатива. Сепак, за исполнување на оваа цел потребно е одредено дополнување на предложените законски одредби кои се објавени на ЕНЕР и тоа:

  1. Одредбата од член 7 став 3 точка 3 од предложениот предлог-закон е непотребна затоа што истата е контрадикторна со целта на предлагањето на овој закон. Ако оваа одредба биде дел од кoнечниот законски текст кој ќе биде усвоен, тоа би значело дека одредени дискриминаторски одредби кои се содржани во други прописи и преземањето на активности од кого и да било врз нивна основа, нема да претставуваат дискриминација, што би било спротивно на антидискриминаторската цел на овој закон.
  2. Во одредбите од член 16 до член 20 од предлог-законот во однос на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација употребени се поимите „именување“ и „избор“ кои по суштина се различни правни поими, а во конкретниот контекст на предлог-законот се користени да означат една иста постапка и правна состојба. Поради тоа потребно е да се одлучи кој поим е правно поиздржан да се користи во овој случај (дали „именување“ или „избор“ на членовите на Комисијата) и понатаму во законскиoт текст да се обезбеди конзистентност при употребата на овој поим.
  3. Потребно е да се дополни став 3 од членот 20 од предлог-законот така што при спроведување на постапката за разрешување на член на Комисијата, да се пропише одржување јавна расправа во Комисијата за прашања на изборите и именувањата и тоа во иста фаза и на истоветен начин како што тоа е предвидено во член 18 став 3 од овој предлог- закон.
  4. Во постапката за избор/именување на членовите на Комисијата и во постапката за разрешување, да се овозможи правото на жалба на неизбраните/неименуваните кандидати, како и на членот на Комисијата кој е разрешен, притоа имајќи ги предвид другите (особено процесни) прописи од македонскиот правен поредок, а и компаративните искуства.
  5. Со цел подобрување на текстот од предлог-законот, потребно е да се дополни член 21 став 1 точка 24 така што да се предвиди рок во кој Комисијата треба да го достави годишниот извештај до Собранието на РМ и тоа не само на разгледување, туку и на усвојување од страна на Собранието на РМ.
  6. Потребно е дополнување на член 38 со нов став 2 така што да се предвиди дека мислењето донесено од страна на Комисијата (ако такво е донесено пред започнување на судската постапка), кое ќе биде изведено и оценувано како доказ од страна на судот, задолжително да биде образложено од член од Комисијата во доказната постапка во рамките на конкретната судска постапка.
  7. Во македонскиот правен поредок во преку 12 закони содржани се законски одредби кои регулираат прашања на антидискриминација. Овие одредби се различни по својот опфат и главно се порестриктивни од одредбите предвидени во овој Предлог-Закон за спречување и заштита од дискриминација.

Од таа причина неопходно е да се дополнат преодните и завршните одредби од овој предлог-закон така што да се пропише дека одредбите од овој закон имаат предност во примената во однос на одредбите од другите закони коишто содржат одредби кои регулираа какви и да било прашања за спречување и заштита од дискриминација. Веруваме дека инклузивниот процес, како што беше досега, така и во периодот што следи, ќе обeзбеди најдобар законски текст и како таков истиот ќе биде усвоен од страна на Собранието на РМ.“

M.В