/ Прочитано:

1.228

Коментари на предложените измени на Законот за вработување на инвалидни лица

Институтот за човекови права и Здружението на граѓани за поддршка на лицата со посебни потреби „СОЛЕМ“ го поздравуваат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица во насока на намалување на можни злоупотреби на Посебниот фонд со доуредување на постапката за доделување на средствата од Посебниот фонд со цел наменско користење на доделените средства и начинот на вршење на увид во користењето на овие средства.

Меѓутоа, посочуваат Институтот и Здружението, за исполнување на оваа цел и за целосно вклучување на лицата со посебни потреби на пазарот на трудот потребни се посуштински измени и подетален и сеопфатен пристап на проблемите.

„Имено во членот 2 по ставот 3 се додава нов став 4 кој гласи: ‘Инвалидноста од став 3 на овој член задолжително се утврдува за лица над 26-годишна возраст.’ Дали ова значи дека сите лица над 26 години без разлика дали имаат наод и мислење од постоечка институција пред 26 години мора да одат на утврдување на инвалидноста. Сметаме дека со оваа измена ќе настанат големи проблеми и лицата со попреченост ќе наидат на поголеми пречки за вработување. Доколку оваа одредба се однесува на лица кои ќе се стекнат со трајна попреченост по 26 година, одредбата треба да се допрецизира“, истакнуваат од Институтот во Коментарите на предлогот на Закон за изменување и дополнување на  Законот за вработување на инвалидни лица.

Сите лица со попреченост, посочуваат од Институтот за човекови права и од Здружението на граѓани за поддршка на лица со посебни потреби „СОЛЕМ“, имаат потреба од приспособување на работното место и на учење на работните вештини. Меѓутоа видот на работни вештини и подетална можност за асистенција не е предвидена. За потребите на поддршка за вработувањето да се обезбедуваат финансиски средства за персонална асистенција на работното место од Посебниот фонд, особено кога станува збор за вработувања на лица со интелектуална попреченост.

„Процената на инвалидитетот е општа процедура и се заснова на медицинска дијагноза. Овој пристап ги ограничува можностите на лицата со посебни потреби, кои се строго поврзани со вработувањето и, од друга страна, го отежнуваат вистинскиот модел на приспособување на работодавачите во насока на изнаоѓање на релевантно работно место на кое лицето ќе ги употребува своите потенцијали во целост и ќе има можност за раст и развој и ќе овозможи полесен избор на лична помош на работното место. Неопходно е да се воспостави посебен систем за процена на потребите при вработување, кој треба да ги определи ресурсите што треба да се дадат на секој поединец со цел ефективно да придонесува за работната позиција на која е ангажиран. Примената на ваквиот индивидуализиран пристап не е само во согласност со принципите на меѓународните стандарди, туку и обезбедува подобра ефикасност и ефикасност на јавните расходи“, образложуваат од Институтот за човекови права и Здружението на граѓани за поддршка на лица со посебни потреби „СОЛЕМ“.

„Воедно доколку веќе се пристапува кон менување на термини во Законот, можеби треба да се размисли за промена на терминот „инвалидни лица“ во посоодветен термин кој веќе е во употреба во други закони на пример лица со посебни потреби“, додаваат од граѓанските организации.

M.В