/ Прочитано:

1.308

Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности во Јавното обвинителство на РМ

Јавното обвинителство на Република Македонија, во рамки на своите надлежности, а во насока на претстојното спроведување на локалните избори закажани за 15 октомври 2017 година, формираше привремена Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности.

Задача на Комисијата е да го следи постапувањето по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.

За претседател на Комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија. Членови на комисијата се:

– Наталија Тасевска, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје

– Димче Пажески, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола

– Анита Поп Методиева, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Штип

– Вјолца Елмази, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар

– Наташа Гоџоска, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.

Комисијата има за задача на дневна основа да ги следи сите настани од државата поврзани со процесот на организирање и спроведување на локалните избори. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното Основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите  дејствија за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

Целта на Јавното обвинителство на Република Македонија е на овој начин да се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и да се даде поголем придонес кон сузбивањето и превенирањето на изборните нерегуларности.

„Во таа насока, Јавното обвинителство на Република Македонија, преку Привремената комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности, ги повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите што сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок/пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.gov.mk“, вели претседателот на Комисијата, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.

M.В