/ Прочитано:

1.313

Комисијата за хартии од вредност во врска со измените на Законот за преземање на акционерски друштва

На ден 31.12.2018 официјално е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерски друштва.

Како што известуваат од Комисијата за хартии од вредност, со измената на предметниот закон, поточно во член 5 се предвидуваат нови критериуми за заедничко дејствување кои се однесуваат на утврдување на заедничко дејствување врз основа на дадено полномоштво за присуство и гласање на собрание на акционери.

„Во согласност со Законот, за заедничко дејствување не се смета остварувањето на правото на глас врз основа на овластувања дадени од повеќе акционери на еден полномошник во постапка согласно со Законот за трговските друштва, освен ако тоа претставува прикриен начин на договарање, чија цел е стекнување и зацврстување на контролата врз целното друштво.

Со последната измена се воведува обврска за полномошникот задолжително да ја извести Комисијата за хартии од вредност на РМ за намерата и причините за давањето на полномошната од повеќе акционери, во рок од пет работни дена пред одржувањето на собранието на акционери. Согласно оваа измена, известувањето кое полномошникот има обврска да го достави до Комисијата, задолжително треба да ја содржи намерата и причините за давањето на полномошната, бројот на акции за кои е дадено полномошно, како и дали истото е со или без инструкции за гласање.

Понатаму,  согласно измената на Законот исто така доколку полномошникот не ја извести Комисијата во наведениот законски рок, ќе се смета дека остварувањето на правото на глас врз основа на овластувањата дадени од повеќе акционери на тоа лице е прикриен начин на договарање чија цел е стекнување и зацврстување на контролата врз целното друштво согласно ставот 8 од членот 5 од Законот.

Врз основа на горенаведените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерски друштва, укажуваме на потребата од доследно почитување на оваа законска обврска, која претставува должност за ополномоштени лица кои присуствуваат на собрание на акционери.

Во оваа прилика известуваме дека до крајот на месец јануари 2019 година на веб-страницата на Комисијата ќе биде објавен образец на известување од полномошник на собрание на акционери, кој ќе може во иднина да го користат полномошниците за да ја известат КХВ. Дотогаш полномошниците можат да ја известуваат Комисијата во форма која сами ќе ја одредат“, се вели во известувањето на Комисијата за хартии од вредност.

Измени на Законот за преземање на акционерските друштва

М.В