/ Прочитано:

8.495

Коморите на адвокатите, извршителите и нотарите потпишаа Меморандум за соработка со Управата за водење на матичните книги

Управата за водење на матичните книги и коморите на адвокатите, нотарите и извршителите  денеска потпишаа Меморандум за соработка.

На денешниот настан беше истакнато дека Меморандумот за соработка е од особено значење со кој се потврдува потребата од модернизација на комуникацијата помеѓу адвокатите, извршителите и нотарите со Управата за водење на матичните книги, што подразбира и олеснет пристап до правдата.

Адвокатите, нотарите и извршителите, беше истакнато на настанот, отсега по електронски пат ќе може да ги добиваат потребните документи од Управата за водење на матичните книги (УВМК), со што се намалуваат трошоците и се скратуваат постапките. Потребните документи во електронска форма од Управата за водење на матичните книги ќе се добиваат најдоцна во рок од 48 часа од поднесувањето на барањето. За користењето на ваквата услуга, потребно е да се има дигитален сертификат и електронска регистрација преку порталот на Управата.

„Преку посебен безбедносен систем, нотарите, адвокатите и извршителите ќе ги добијат документите коишто се во надлежност на Управата за водење на матичните книги во електронска форма, потпишани со електронски потпис, со што ќе се скратат трошоците и времето на издавање, а со тоа ќе се овозможи забрзување на оставинските постапки, постапките коишто се вршат според Законот за извршување и постапките кои ги водат адвокатите и нотарите, ацената на изводите што се издаваат по електронски пат ќе се намали од 150 на 125 денари. Исто така, од 1 ноември за граѓаните ќе биде достапна уште една услуга од Управата за водење на матичните книги, односно секој полнолетен граѓанин по електронски пат ќе може да поднесе барање и да добие извод од матичната книга на родените и од матичната книга на венчаните. И услугата за доставување на изводите од матичната книга на родените и од матичната книга на венчаните на домашна адреса, која почна да се применува во Скопје, од 1 ноември ќе биде достапна за сите граѓани во државата“, рече директорот на Управата за водење на матичните книги“, Ѓоко Котевски.

Претседателите на Адвокатската комора на РМ, Комората на извршители и Нотарската комора на денешниот настан истакнаа дека ваквата новина во Управата за водење на матичните книги не само што го олеснува пристапот до потребната документација на адвокатската, извршителската и нотарската фела, туку претставува и исклучително важна новина за правата и интересите на граѓаните.

„Адвокатите најдобро знаат што значи да се чека по шалтери и благодарни се за овој новитет, кој означува и олеснет пристап до правдата. Адвокатската комора веќе подолго време има заложби за ваков вид комуникација и помеѓу адвокатите и судовите. Во таа смисла, оваа новина е добар пример што треба да се направи во следниот период и тоа во делот на електронската комуникација со судовите“, истакна претседателот на АКРМ, Никола Додевски.

„Оваа новина претставува олеснување и за извршителите, и за граѓаните, и за доверителите, и за должниците. Придобивка од неа имаат сите вклучени страни во процесот на извршување, особено во делот на намалување на трошоците и ефикасноста на постапките. Ваквиот тренд треба да продолжи и во иднина и тоа ќе значи голем прогрес во правосудството“, истакна Зоран Димов, претседател на Комората на извршители.

„Ваквиот тип комуникација помеѓу нотарите и Управата подразбира засилена соработка која пак е во насока и на применување на законските решенија за нотаријатот. Се надеваме дека во иднина ќе имаме уште подлабока соработка што ќе придонесе за побрзи постапки и спроведување на законите“, истакна Васил Кузманоски, претседател на Нотарската комора на Македонија.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешниот настан истакна дека новините што ги воведува Управата за водење на матичните книги е чекор напред кон поголемата достапност на услугите што ги нудат државните институции до граѓаните.

„Од почетокот на следната година ќе се  воведува интегриран портал за е-услуги. На централно ниво ќе имаме целосно интегриран портал за е-услуги на кој граѓаните ќе можат да имаат директен пристап по електронски пат до документите од кои имаат потреба. Порталот ќе обезбеди побрзи и поедноставни услуги и ќе биде единствена точка за контакт со граѓаните. Од средината на следната година за граѓаните се очекува по електронски пат да бидат достапни и 50-тите најчесто барани документи.“

Управата за водење на матичните книги е основана како орган во состав на Министерството за правда со својство на правно лице. Основна надлежност на Управата е водење на матичните книги на родени, венчани и умрени, нивна заштита и чување, издавање изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги.

Во матичните книги на родени, венчани и умрени се евидентираат податоци поврзани со фактите на раѓање, склучување брак и смрт на државјани на Република Македонија, без оглед дали живеат или не во Република Македонија, како и податоци поврзани со фактите на раѓање, склучување брак и смрт на странци и лица кои немаат државјанство на Република Македонија, а кои се случиле на територијата на Република Македонија. Со Управата раководи директор, со мандат од четири години, кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија по предлог на министерот за правда.

М.В