/Прочитано:

122

Компаниите го поздравуваат одложувањето на најавената даночна реформа за прогресивно оданочување

Четирите стопански комори потписнички на Платформата за јавно-приватен дијалог, Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија испратија официјален допис до Министерството за финансии на Р Македонија, со што го поздравија одложувањето на најавената даночна реформа за прогресивно оданочување.

„Во текот на изминатите неколку месеци членките на Платформата спроведоа заедничко истражување на 546 домашни претпријатија и организираа две фокус-групи во однос на ставот за прогресивното оданочување и последиците што ќе ги донесе врз развојот на македонската економија. Анализата на резултатите јасно го истакна ставот на бизнис-заедницата дека доколку прогресивното оданочување се реализира, во моментов тоа би имало негативни последици врз целата бизнис-заедница. Во согласност со направеното истражување, при изработката на официјалниот Позиционен документ стопанските комори вертикално се усогласија во сите структури и го изразија својот став во однос на ова прашање“, истакнуваат од коморите.

Во прилог на својот допис коморите го доставија Позициониот документ кој е изработен и усогласен од страна на четирите стопански комори како став на бизнис-заедницата во врска на најавените даночни промени. Документот е придружен и со изработената студија – Ефекти од политиката на рамни даноци во Република Македонија, која е земена за основа во процесот на дефинирање на доставениот Позиционен документ.

Оваа активност е дел од Проектот  „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“ финансиран од страна на УСАИД, а имплементиран од ЕПИ-Центар интернационал во партнерство со четирите стопански комори.

Компаниите со истражување за прогресивното оданочување на личниот доход:  Не е погоден момент за вакво оданочување

М.В