/ Прочитано:

1.348

Компаративна анализа на правната рамка за бесплатна правна помош и практиката на земјите од Европската Унија

Хелсиншкиот комитет за човекови права објави Компаративна анализа на правната рамка за бесплатна правна помош и практиката на земјите од Европската Унија со фокус на заштитата од дискриминација.

И покрај тоа што изминаа шест години од примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација и формирањето на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД), се вели во анализата, сè уште не може да се зборува за ефективна заштита во делот на дискриминацијата, особено кога станува збор за ранливите и маргинализираните групи.

Главните точки што го отежнуваат пристапот до правда на жртвите од дискриминација се отсуството на правна помош од страна на државата за поведување на судска постапка за заштита од дискриминација и неефективноста на Комисијата за заштита од дискриминација.

Според податоците од набљудувањето на работата на Комисијата за заштита од дискриминација, во изминатите шест години може да се констатира дека во најголем број од случаите КЗД не го почитува рокот од 90 дена за донесување на мислење по поднесена претставка за дискриминација и во просек одлучува за 11 месеци.

Со оглед на ваквите податоци, се додава понатаму во анализата, единственото средство што се покажа како ефикасно во спречувањето на дискриминацијата е судската заштита, која, сепак, не е достапна за граѓаните од ранливите категории, кои впрочем се и најдискриминирани.

Поради ова, сите поведени судски постапки во изминативе седум години се финансиски поддржани од страна на здруженијата на граѓани кои работат во областа на недискриминација. Земајќи ги предвид ваквите сознанија, утврдивме потреба за изготвување на компаративна анализа за системот на бесплатна правна помош на меѓународно ниво и можностите за промена на нашиот систем за бесплатна правна помош во насока на овозможување пристап до судска заштита на жртвите од дискриминација.

Меѓународните стандарди упатуваат на тоа дека правото на бесплатна правна помош претполага дека на можните жртви во случаи на прекршени слободи и права, преку правото на бесплатната правна помош им се обезбедува ефективен пристап до правда. Значајно е да се наспомене дека материјалната состојба во која се наоѓаат лицата, односно нивното можно припаѓање на ранливи групи не треба да го посредува процесот на доделување правда.

Препознавањето на правото на правна помош, преку законска регулација и прописи што го гарантираат ова право според меѓународните стандарди – не е доволно. Имајќи предвид дека споменатата гаранција подразбира преземање акции од страна на државата, и тоа преку адекватни фондови, осигурена независност на субјектите кои нудат правна помош, како и обезбедување еднаквост на барателите на правна помош, законските решенија што ќе го гарантираат ова право треба да бидат поклопени со ефективната практика на примена, особено со позитивни примери од судската практика.

Целосниот текст на анализата на следниот линк.

М.В