/ Прочитано:

2.060

КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПОГЛАВЈЕТО 23: Пандорина кутија или клуч за добро владеење?

 

Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) и Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Македонија одржаа завршна конференција од проектот „Мрежа 23+“, финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Конференцијата ќе се одржи под насловот „Поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за добро владеење?“.

Поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството, борбата против корупцијата и темелните права на граѓаните, претставува првото поглавје кое се отвора во преговорите со Европската Унија, заедно со Поглавјето 24. Со ова, Унијата ја истакнува важноста на принципот на владеење на правото како една од своите најзначајни вредности.

На денешниот настан беше истакнато дека целта на проектот „Мрежа 23+“ е да придонесе кон вградување на принципите на владеењето на правото во Република Македонија низ призмата на Поглавјето 23 од пристапувањето кон ЕУ – правосудство, темелни права и борба против корупција, преку структуриран придонес од членките на „Мрежа 23+“.

Во рамките на проектот, кој се спроведуваше од јануари 2016 година, беа поддржани 9 мали проекти на граѓански организации, кои спроведуваа истражувања поврзани со политиките во овие области. Одржани се над 35 настани, на кои учество земаа повеќе од 1000 учесници, вклучително институции, експерти, граѓански организации и општата јавност. Проектот „Мрежа 23+“ е истакнат како особено значаен во Среднорочната евалуација на програмата за граѓанско општество за Западен Балкан и Турција, издадена од Европската комисија во 2017 година, поради својата улога во подобрување на владеењето на правото во Македонија.

На денешниот настан се обратија претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи и министерката за правда, Рената Дескоска.

Во своето обраќање пред гостите присутни на конференцијата, премиерот Заев рече дека реформите во правосудството и борбата против корупцијата во земјите кои влегуваат во преговарачкиот процес со ЕУ се високо на агендата на Европската комисија.

„Нам, како земја која влезе во овие реформи, и како земја која доби чиста препорака и очекува датум за старт на преговорите, ни е сосема јасно дека ниту Европската комисија ниту земјите членки на ЕУ нема да прифатат половично реализирани реформи. Крајно и најбитно, ни нам не ни се потребни половично реализирани реформи. Напротив, зборуваме за коренити промени“, изјави премиерот.

„Владата на Република Македонија, судиите и судската администрација, борците против корупцијата во независните контролни агенции и невладини организации, борците и активистите за човекови права, граѓаните на нашата земја – сите ние, треба докрај да ја отвориме кутијата на правосудството, без разлика дали е Пандорина, и храбро и отворено да продолжиме со реформите. Само така можеме да градиме држава по европски правила, без разлика колкав е отпорот кон новите демократски промени“, дополни премиерот Заев.

Тој исто така нагласи дека ефективното, квалитетно и правично владеење на правото е средишен постулат на начелото на хуманиот и одржлив развој на македонското мултикултурно општество.

„Република Македонија мора да биде средина со нула толеранција за корупција. Законскиот пакет од оваа област мора да биде сеопфатен и ефикасен за да се алармираат коруптивните активности, конфликтите на интереси, злоупотребата во финансирањето на политички партии и изборните кампањи. Мора да обезбедиме поголеми ингеренции за максимална ефикасност на Државната комисија за спречување на корупцијата“, подвлече тој.

Министерката за правда, Рената Дескоска,  рече дека борбата против корупцијата е прашање на кое секоја земја ја покажува способноста за ефикасно спроведување на донесените закони, како при превенцијата така и при казнувањето на корупцијата.

„Секој чекор во имплементацијата на Поглавјето 23 во Република Македонија е чекор напред во јакнење на правната сигурност и довербата на граѓаните во судскиот систем и во правната држава“, истакна во своето обраќање министерката за правда, Дескоска.

„Со имплементацијата на Планот 3-6-9 не завршија реформските процеси, туку напротив се создадоа услови за уште подлабока имплементација на долгорочните и суштински реформи во општеството. Реформи кои се дел и од новиот реформски План 18 на Владата, и кои се секако најмногу насочени кон приоритетните области – правосудство, владеење на правото, реформа на јавната администрација“, истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, најавувајќи го притоа Планот 18 како реформски пакет кој треба да го премости периодот од препораката на Европската комисија до фактичкиот почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.

М.В