/ Прочитано:

1.370

Конференција на „МОСТ“: „Одвојување на државата од политичките партии“

Во насока на одвојување на државата од политичките партии и со цел одржување фер, слободни и демократски избори, како што нагласи премиерот, Владата досега презела многу мерки што се во нејзина надлежност. Досега се усвоени инструкции, упатства и одлуки, кои меѓу другото се однесуваат на забрана за користење државни ресурси од учесниците и кандидатите за време на изборниот процес. Но, и покрај сите овие мерки, премиерот Зоран Заев најави дека ќе биде формирано координативно тело кое ќе го контролира процесот на доследно почитување на забраните што произлегуваат од Изборниот законик во периодот од денот на распишување на изборите до нивно завршување.

„Одвојување на државата од политичките партии“ беше тема на денешната конференција што ја организираше граѓанската асоцијација „МОСТ“, а на која се обратија премиерот Зоран Заев и шефот на делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.

Според премиерот Заев, принципот на одвојување на државата од партијата е стратешка цел на новата Влада. Тој истакна дека во изминатите сто дена од формирањето на Владата немало, а како што рече, и во следниот период ќе нема притисоци, уцени и закани за изборни цели, ниту пак злоупотреби на државни пари за изборни цели.

„Одржување на фер и демократски избори е врвен приоритет на Владата и верувам дека треба да биде врвен приоритет на нашата држава. Предвидени се повеќе мерки на краток, среден и долг рок за отстранување на недостатоците во реализацијата и спроведувањето на изборите според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, Венецијанската комисија, во соработка со граѓанското општество, ЕУ и другите меѓународни организации“, потенцираше Заев.

Во насока на одвојување на државата од политичките партии и со цел одржување фер, слободни и демократски избори, како што нагласи премиерот, Владата досега презела многу мерки што се во нејзина надлежност.

Досега се усвоени инструкции, упатства и одлуки, кои меѓу другото се однесуваат на забрана за користење државни ресурси од учесниците и кандидатите за време на изборниот процес. Но, и покрај сите овие мерки, Заев најави дека ќе биде формирано координативно тело кое ќе го контролира процесот на доследно почитување на забраните што произлегуваат од Изборниот законик во периодот од денот на распишување на изборите до нивно завршување.

„Оваа идеја е во функција на одржување слободни, фер и демократски локални избори на 15 октомври, со цел унапредување на довербата во изборниот процес од страна на сите субјекти, како и заради превенција и оневозможување каков било притисок врз граѓаните во поглед на нивното гласање на изборите“, изјави Заев.

Тој упати апел до раководните лица во државните институции, при што нагласи дека ќе има нулта толеранција во случај на евентуални злоупотреби во текот на изборниот процес.

Според Заев, демократски, фер и регуларни избори отвораат реални евроатлантски перспективи за државата, што, пак, од своја страна, како што истакна премиерот, е реална шанса за економски напредок на државата.

Евроамбасадорот Жбогар потенцираше дека е од исклучителна важност да се применат сите ветувања и гаранции за нетолеранција на какви било злоупотреби во однос на изборите за сите изборни процеси.

„Најважно од сè е лидерите на партиите, како и другите учесници во изборниот процес, кампањата да ја реализираат без никакви заплашувања и насилства. Сакаме да ги поттикнеме политичките лидери да го искористат изборниот процес за да ја потврдат својата посветеност кон демократските вредности и владеењето на правото“, рече Жбогар.

Дарко Алексов, претседател на граѓанската асоцијација „МОСТ“, на денешната конференција побара од Владата да го почитува принципот на одвојување на државата од партијата.

„Од денеска сакаме да видиме дека овој принцип може да се почитува и дека власта може да се практикува поинаку“, рече Алексов.

На конференцијата се дебатираше и за мерките што ќе бидат применети во пресрет на локалните избори, кои, всушност, ќе треба да придонесат за остварување на процесот на одвојување на државата од политичките партии.

А. Б.