/ Прочитано:

3.687

Конференција на тема ,,Евтаназија – милосрдие или убиство?“ во организација на ЕЛСА-РМ

ЕЛСА-РМ на Правниот факултет „Јустинијан Први“  одржа конференција на тема: „Евтаназија – милосрдие или убиство?“. Предавачи на конференцијата беа проф. д-р Владимир Чадиковски и проф. д-р Александра Деаноска. На конференцијата централна тема беше евтаназијата, но неминовно се отворија многу прашања и дилеми и во врска со евгениката, трансплантацијата на органи и абортусот. Се дискутираше за казненоправниот третман на евтаназијата, но беа дадени и предлози за идната законска регулатива. Во рамките на Советот на Европа, посочи професорката Деаноска, имаше обиди да се отвори ова прашање, но, како што е познато, Европската конвенција за заштита на човековите права го штити правото на живот и сè уште не продираат дебатите околу прашањето за евтаназијата. Правото на живот на секој човек, се вели во членот 2 од Конвенцијата,  е заштитено со закон.

Тамара Велковска, потпретседател за семинари и конференции на ЕЛСА-РМ, вели дека евтаназијата е една од најконтроверзните теми на денешницата, за која често се дискутира во европски и во светски рамки, но на која не ѝ се посветува доволно внимание во Македонија.

„Прашањето за евтаназијата не го тангира само правото туку ги тангира и медицината, социологијата, религијата и, секако, го тангира секој човек. Кога ќе се спомене прашањето за евтаназијата, сите ние сме во дилема дали да ја гледаме низ етичка призма или да ја сметаме за убиство од благородни побуди. Секој има право на живот, но дали секој треба да има и право на достоинствена смрт?! ЕЛСА-РМ со организирање на оваа конференција се обиде да ја зголеми свеста на луѓето за значењето на евтаназијата и да поттикне поширока јавна дебата за ова значајно прашање“, вели Тамара Велковска, потпретседател за семинари и конференции на ЕЛСА-РМ.

Во врска со прашањето за актуелноста на темата од правно-социолошки аспект и од деонтолошки аспект,  Иван Дургутов од ЕЛСА подвлекува дека медицинскиот третман на едно лице и лекувањето на болестите кај пациентите се нешта со особено изразена еволуција во периодот зад нас.

„Хипократовата заклетва, хуманоста и борбата за животот на болниот до последен миг се услов без кој не се може за секој носител на белиот мантил. Токму овие базични начела уште повеќе ги истакнуваат дилемите околу моралноста и етичноста на чинот на евтаназија. Да се актуализира оваа значајна тема од деонтолошки аспект значи да се дискутира на една контроверзна тема и да се даде придонес кон одмотувањето на клопчето наречено (не)дозволување на евтаназијата. Од правно-социолошки аспект, конференцијата се обиде да одговори за можноста и навременоста на правото да ги следи новите текови во поврзаните области, како што е медицината. Како општествена наука, но и како сет од важечки законски норми, правото е исправено пред предизвикот да балансира помеѓу спротивставени интереси и да се одбрани од нападот дека многупати е кочничар на брзоплетиот прогрес во останатите технолошки и природни науки. Да се отвори полемиката за евтаназијата значи да се постави знак прашалник за моменталната уреденост на ова поведение и неговиот казненоправен третман, кој навидум зборува за заштита и инкриминација, но, од друга страна, резултира со нула судска практика. Токму во таа насока, од настанот произлегоа и одредени сугестии за идно законско покривање на ова интермедијарно поле, во кои, сепак, преовладуваат ставовите за неподготвеноста на општествените сили за декриминализирање на евтаназијата, а се остава простор само за евентуално попрецизно дефинирање на ова дело“, образложува Дургутов.

Тамара Велковска додава дека македонското позитивно право по примерот на најголемиот број на европски законодавства ја забранува евтаназијата. Имено, членот 124 од Кривичниот законик го инкриминира делото ,,убиство од благородни побуди”.

„Под ова дело влегува и евтаназијата, за која се предвидува казна затвор од шест месеци до 5 години. Евтаназијата е забранета дури и во дијагнози кога е евидентно дека животот ќе згасне, се дава терапија за да се ублажат болките и се чека животот да згасне. Ситуацијата е слична и на европски терен, па и во разговорите кои се водат околу правото на живот, како дел од Европската конвенција за човекови права во однос на евтаназијата, преовладува негативниот став за неа. Сепак, во европски рамки, движењето за легализација на евтаназијата е присутно и започнува во Холандија, со донесувањето на Законот за контрола на убиството по барање на жртвата и помагањето на самоубиството, којшто е донесен во 2001 година. Во последниве неколку години тенденцијата за легализација на евтаназијата сè повеќе се шири и сè поголем број на држави се зафатени од неа, како Белгија, Италија итн. За разлика од европските држави, во кои на големо се полемизира околу легализација на евтаназијата, во Македонија овие дебати речиси и ги нема“, вели Велковска.

Правото, додава таа, треба да ги следи општествените текови и да ги нормира. Моменталната ситуација во Македонија не е зрела за декриминализирање на евтаназијата. Доколку во иднина се создаде потреба од нејзина легализација, законодавецот јасно треба да утврди кој облик на евтаназија ќе го прифати и да ги дефинира условите под кои би ја дозволил евтаназијата за да ja спречи на тој начин нејзината злоупотреба.

М.В