/ Прочитано:

1.101

Конференција на тема „Учество во изборниот процес на лицата со попреченост“

По повод Светскиот ден на изборите, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје организираа конференција на тема „Учество во изборниот процес на лицата со попреченост“.

Конференцијата претставува платформа за подигање на свеста за ограниченото учество на лицата со попреченост во изборниот процес, како и за идентификација на мерки кои ќе ги стимулираат различностите и инклузивноста во демократските институции и  во процесот на одлучување.

На настанот присуствуваа активисти во полето на правата на лицата со попреченост; претставници на организациите на лицата со попреченост; претседателот и претставници од Државната изборна комисија, претставници од Министерство за правда, од Министерството за труд и социјална политика, од Министерство за образование и наука, поранешни парламентарни кандидати од редовите на лицата со попреченост; претставници на парламентарните политички партии, претставници од академската заедница, како и од локалните канцеларии на меѓународните организации кои работат на ова поле.

Во рамките на конференцијата свое излагање имаше и пратеничката Јагода Шахпаска, која истакна дека Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни способности е формирана 2003 година на иницијатива на „Полио плус“ – движење против хендикеп.

„Во  изминатите 16 години, во Собранието групата дејствува како неформална група составена од пратеници од сите политички партии, а во други сегменти се вклучени лица од организациите на лицата со посебни способности (поединечни и мрежни), од владини структури, од медиуми, од бизнис-заедницата, како и експерти и поединци со или без попреченост, кои сакаат да се вложат во оваа цел. Визијата за формирање и постоење на ваква група е: општество во кое сите лица со посебни способности учествуваат целосно како еднакви граѓани. Лицата со попреченост го претставуваат најголемото малцинство во светот и мора да ги уживаат сите фундаментални права, вклучително и учеството во политиката“, истакна пратеничката.

Изборната политика во Република Македонија на национално ниво е регулирана со голем број правни документи, меѓу кои: Уставот, Изборниот законик, Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии, потоа со одредби од Кривичниот законик, Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и со прописи усвоени од страна на Државната изборна комисија (ДИК). Сите овие правни акти ја поставуваат рамката во која се организираат и се спроведуваат парламентарните, локалните и претседателските избори, како и начинот на кој секој граѓанин го остварува своето право на глас.

На предлог на „Инклузива“ – здружение за промоција и развој на инклузивно општество, Државната изборна комисија има донесено упатство за користење на шаблон на Брајово писмо за лицата со оштетен вид на локалните избори 2017.

Истовремено, беа организирани обуки за општинските изборни комисии за пристап и комуникација со лица со различен вид на попреченост. На референдумот 2018, покрај шаблонот за гласање на лицата со оштетен вид, беше изработен и граничник за потпишување за остварување на правото на глас на лицата со оштетен слух и лица со интелектуална попреченост. За првпат како набљудувачи на референдумскиот процес беа вклучени 40 лица со попреченост.

„Проблематично во  Упатството на ДИК е  медицинскиот модел на дефинирање на лицата со попреченост, наместо дефинирање на групата во согласност со Конвенцијата. Во Упатството се наведуваат дијагнози кои ако не се идентификуваат со оние што ги имаат граѓаните со попреченост, тогаш граѓаните нема да бидат во можност да го остварат своето право на глас. Не секое лице со попреченост користи надоместок на туѓа нега, а во исто време некои лица со попреченост кои користат туѓа нега можат да гласаат со придружник, во согласност со членот 112 од Изборниот законик. Ваквиот пристап остава простор за злоупотреби“, беше истакнато на настанот.

На конференцијата беше нагласено дека во следните измени преку Изборниот законик треба да се овозможи поддржано гласање од страна на назначено лице за лицата со интелектуална попреченост. Избирачките места треба да се постават на пристапни места, да се обезбеди пристапност до гласачкото место, но и до гласачката кутија.

Во таа насока, пратеничката Шахпаска рече дека е потребно воспоставување на алтернативни гласачки места, достапност на преведувачи на знаковен јазик, воведување тактилни упатства за гласање или достапни апарати за електронско гласање или давање упатства за едноставни инструкции за гласање во лесно разбирлив формат итн. Имено, Упатството за гласање се истакнува на видно место на гласачкиот параван, при што не е предвидено да биде поставено и изработено во различни формати (аудиоформат, видеоформат со употреба на знаковен јазик, материјал на Брајово писмо, или упатство изработено на лесно читлив формат) за да можат граѓаните со попреченост да пристапат до него.

„За жал, во нашата земја сè уште нема вклученост на лицата со посебни потреби на листите за советници или пратеници. Од осамостојувањето до денес немало ниту едно лице со попреченост во законодавниот дом. Во соседните држави веќе има пратеници  со попреченост. Кај нас само дел од политичките партии за време на локалните избори на три листи предложиле кандидати за советници во општините Брвеница, Прилеп и Крива Паланка, но во ниту една не влегло лице со попреченост. Политичката партиципација е еден од главните патишта преку кои лицата со попреченост можат најефективно и најефикасно да ја постигнат својата еднаквост“, рече пратеничката Јагода Шахпаска.

М.В