/ Прочитано:

1.112

Конференција на тема „Законот за употреба на јазиците од 2008 година во државните институции“

Во организација на Здружението на граѓани за поддршка на меѓуетнички дијалог и развој на заедницата „Заеднички вредности“ од Скопје, денеска беше организирана конференција на тема „Законот за употреба на јазиците од 2008 година во државните институции“.

На денешната конференција посебен акцент се стави на анализата изработена од Николина Кенинг и Шерузе Османи-Балажи во рамките на проектот „Комуникација меѓу граѓаните и институциите на централно ниво во согласност со Законот за јазиците”, финансиран од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ и Европската Унија. Анализата е објавена на седум јазици, македонски, албански, турски, српски, босански, ромски и влашки јазик.

„Денешната конференцијата има за цел унапредување на спроведувањето на Законот за јазиците преку документирање и следење на спроведувањето на Законот од 2008 година во избрани институции на централната власт“, истакна  Разије Јонузи, претседателка на здружението „Заеднички вредности“.

„Анализата по прв пат нуди допирливи и мерливи податоци кои јасно го покажуваат нивото на имплементирање на овој закон. Таквиот начин на спроведување остава да се работи многу и понатаму бидејќи едноставно речиси е целосно незадоволително нивото на кое се имплементирал овој закон во праксата. Причини за тоа се отсуството на механизми на регулирање на имплементацијата и фактот дека спроведувањето премногу зависи од волјата на раководителите на секторот во кој се спроведува Законот“, истакна професорката Беса Арифи.

Резултатите од анализата „Перцепции и искуства на раководители и службеници од државната администрација за имплементација на Законот за употреба на јазиците од 2008 година во државните институции“ покажуваат дека повеќе од половина од испитаните вработени во институциите на централно ниво никогаш немале искуство со барања и предмети на јазик различен од македонскиот, а кога имале, најчестата реакција била да се побара помош во комуникацијата од колега што го зборува односниот јазик.

На денешната конференција, на која се говореше за спроведената анализа, беше истакнато дека ставот на вработените во министерствата за образование, за транспорт и врски и за труд и социјална политика кон Законот не е ниту негативен, ниту позитивен, а најсериозна пречка за негова доследна имплементација е недостигот од квалификуван кадар и материјални средства.