/ Прочитано:

1.978

Конференција посветена на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата

Денеска во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, со поддршка на УСАИД, се одржа конференција посветена на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, со наслов „Итни реформски приоритети: Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата. Има ли напредок?“.

Воведни обраќања на настанот имаа Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнл – Македонија, Рената Дескоска, министерка за правда, Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската Унија и  Розета Трајан, генерална секретарка во Државната комисија за спречување на корупцијата

Корупцијата ги засега сите и доведува до слаби институции, непочитување на човековите права, неправда, организиран криминал, нестабилност, небезбедност, незадоволство, нетрпеливост, гнев, изгубен просперитет, загрозена животна средина, беше истакнато на денешниот настан, на кој покрај за прашањето за итните реформски приоритети се говореше и за институционалната рамка во борбата против корупцијата.

„Сите реформи коишто ги водиме во Министерството за правда се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата.  Тоа го правиме преку реформирање на трите столба за борбата против корупцијата: Судството, обвинителството и антикорупциската рамка.  Како што е забележано со Извештајот на Прибе, во антикорупцискиот систем постојат слабости кои се однесуваат на регулаторни и институционални капацитети на сите нивоа и постојат перцепции за политички именувања и назначувања со цел контрола на независните тела од страна на политичките партии. Експертите укажуваат на потребата ДКСК да биде зајакната за да ги остварува свои надлежности за борба против корупцијата без политички влијанија“, истакна министерката за правда на денешниот настан.

На конференцијата се говореше и за ветинг процесот и за интегритетот при изборот и назначувањето на судии, обвинители и членови на регулаторни, контролни и надзорни тела, а во врска со овие прашања свое обраќање имаа и Ана Павловска-Данева, шеф на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО, Вилма Русковска, шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје,  Маргарита Цаца Николовска, судијка во Уставниот суд на Босна и Херцеговина, Лазар Нанев, претседател на Основниот суд Кавадарци и Беса Арифи, професорка од Универзитетот на Југоисточна Европа (ДСП).

М.В