/ Прочитано:

882

Конференција за парламентарната контрола на Буџетот: „Пратениците да не заборават дека граѓаните го полнат државното ќесе“

Денеска во Собранието на Република Македонија се одржува Интерпарламентарна конференција на тема: Моќта на касата: буџетски овластувања и процедури на Европскиот парламент. Конференцијата е организирана од Групата за поддршка на демократијата и координација на избори (ДЕГ), во соработка со Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) и Буџетскиот комитет (БУДГ), заедно со пратеници од парламентите на земјите кандидатки и Европскиот парламент.

На конференцијата повеќе европратеници говорат за прашањата на Буџетот на ЕУ, за улогата на Европскиот парламент во усвојување на европскиот буџет, за надзорот над спроведувањето на Буџетот од страна на европратениците и за надзорот над  имплементацијата на инструментите за надворешно финансирање.

Без ефикасна контрола на Парламентот врз Буџетот, беше истакнато на денешниот настан, не може да се говори за вистинска парламентарна демократија, односно за контрола врз извршната власт.

Според претседателот на македонското собрание, без ефикасна контрола врз Буџетот, извршната власт станува моќна, се издига над другите две гранки на власта и се отуѓува од општеството и граѓаните, а тоа создава многу поволни услови за ширење на корупцијата.

„Од корупцијата имаат корист само многу тесен круг на политички и бизнис елити, додека негативните последици ги чувствуваат граѓаните, и тоа во сите сфери од општественото живеење. Во Република Македонија, ако гледаме од нормативен аспект, и тука мислам на соодветните закони од оваа проблематика, како и на Деловникот на Собранието и можностите што ги дава за парламентарната контрола врз Буџетот, можеби и не сме толку лоши. Имено, постојат повеќе механизми и форми за тоа. Да ја споменам само улогата на Комисијата за финансирање и буџет при донесувањето на Буџетот, како и при донесувањето на ребалансите на Буџетот. Но, со тоа не завршува улогата на Комисијата за финансирање и буџет. Според Деловникот, Комисијата може и преку други форми да врши контрола врз Буџетот, и тоа како врз приливот во државната каса така и врз начинот како се троши, гледано по одредени дејности“, истакна претседателот Џафери.

На денешната дискусија беше посочено дека Собранието врши контрола на Буџетот при разгледувањето и донесувањето на завршната сметка на Буџетот што Владата е должна да ја поднесе до 30 јуни секоја година. Таа контрола е можна и преку институтот пратенички прашања, потоа преку разгледување на годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, па сè до можноста за надзорни расправи. Но, останува отворено прашањето колку Собранието ги користи на ефикасен начин деловничките и законски можности за контрола, како на прибирањето така и на трошењето на парите на граѓаните.

„Ако сме барем малку самокритични, ќе си признаеме дека кога станува збор воопшто за надзорната улога на Собранието врз извршната власт, а посебно кога станува збор за контролата врз трошењето од државното ќесе, ние заостануваме од она што е вообичаена пракса во високо развиените демократски држави. Да не заборавиме дека граѓанинот е тој што го полни Буџетот како даночен обврзник, како потрошувач и како претприемач. Да не заборавиме, исто така, дека токму со легитимитетот што ни го дава неговиот глас ние седиме во овие собраниски клупи и должни сме во негово име да вршиме надзор на тоа како се трошат неговите пари и за тоа транспарентно да ја информираме и јавноста. Затоа надзорната улога на Собранието врз трошењето на Буџетот и воопшто врз извршната власт не треба да ја гледаме како уште една одредница или бенчмарк од Брисел, туку како еден од основните принципи на демократијата на правната држава, дури, ако сакате, и како цивилизациска вредност. Убеден сум дека по завршувањето на оваа конференција, не само што ќе слушнеме и ќе научиме нешто ајде да речеме ново, како што се на пример „Специјализираните буџетски канцеларии“, туку ќе знаеме и доследно да го примениме тоа во натамошното јакнење на демократскиот и парламентарниот капацитет на Собранието, а со тоа посредно и на демократските процеси во општеството и државата.“

М.В