/ Прочитано:

3.621

Конференција за поддршката на реформите на системот на правна помош

Денеска се одржа конференција за промоција на проектот „Поддршка на реформите на системот на правна помош“, кој е дел од „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција”, во рамките на програмата Обезбедување правда, која во моментов се спроведува во земјата.

Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција е иницијатива за соработка на Европската Унија и Советот на Европа за Југоисточна Европа. Програмата е еден од резултатите на Изјавата потпишана на 1 април 2014 година од страна на генералниот секретар на Советот на Европа и комесарот на Европската Унија за проширување и соседска политика, со која двете организации се согласија дополнително да ја зајакнат нивната соработка во клучните области од заеднички интерес. Вкупниот буџет на програмата е 25 милиони евра (80 % финансирани од ЕУ, 20 % од Советот на Европа).

Целта на проектот, беше истакнато на денешниот настан, е да обезбеди поддршка на Министерството за правда и на подрачните одделенија на Министерството во подобрувањето на процесирањето на барањата за бесплатна правна помош, зајакнувањето на нивните капацитети во поддршка на реформите на системот на правна помош, како  и да се осигури поефективна имплементација на тие реформи во согласност со европските стандарди.

Проектот, исто така, ќе овозможи полесна достапност и поголема информираност на целните групи и ранливите категории на лица за системот на правна помош, релевантните процедури и чекори кои ќе им помогнат да ги надминат пречките во добивањето правна помош.

На конференцијата се обратија Оливер Ристовски, заменик-министер за правда, Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Хане Јункер, раководител на Одделот за правда и правна соработка во Советот на Европа и Моника Мартинез, шеф на Програмската канцеларија на Советот на Европа.

Говорниците го истакнаа значењето на проектот во поглед на поддршката на реформите на системот на правна помош и пристапот до правда како еден од клучните фактори за доследното почитување на човековите права.

„Проектот треба да овозможи поефикасно спроведување на Законот за бесплатна правна помош.  Предлог-законот што го помина првото читање е вратен по забелешките дадени во текот на јавната расправа од Адвокатската комора и невладините организации. На јавната дебата најголемите критики беа за одредувањето на тарифата за застапување во Законот, која е пониска од редовната адвокатска тарифа што ја носи Адвокатската комора. Редовната тарифа е превисока во делот на ваков вид на правна помош бидејќи целта на Законот е широк круг луѓе да добијат правна помош, а буџетот на Министерството за правда од кој се исплаќа услугата е лимитиран“, истакна заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.

Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ  посочи дека проектот подразбира конкретна помош за земјава во област која е многу важна, додека пак  Хане Јункер, раководителот на Одделот за правда и правни соработки на Советот на Европа истакна дека правната помош е многу битна за заштита на правото на правично судење и еднаквост на оружјата.

Правната помош на луѓето им дава пристап до специјализирани информации за правото и како најдобро можат да ги бранат своите права. Клучно е, нагласи Јункер, властите да го подобрат пристапот до оваа помош. Ранливите групи имаат право на правна помош доколку им треба, вклучително и на оние кои немаат средства да платат адвокат.

Јункер појасни дека преку проектот ќе се поддржат регионалните канцеларии на Министерството за правда за поефикасно и делотворно да работат со клиентите за да можат брзо и квалитетно да им пружат правни услуги на лицата што ќе им го побараат тоа. Тој ја нагласи и важноста од зголемување на  бројот на адвокати кои се дел од овој систем.

На денешниот настан присуствуваа претставници од Министерството за правда, Делегацијата на Европската Унија, Народниот правобранител, Министерството за надворешни работи, Адвокатската комора, меѓународни организации и невладини организации кои обезбедуваат бесплатна правна помош, како и претставници на медиумите.

Директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Анета Арнаудова, истакна дека е потребно и судството да биде вклучено во проектот и да се организираат обуки за судиите и обвинителите бидејќи, како што подвлече,  судиите се тие што ги одредуваат бранителите по службена должност.

М.В