/Прочитано:

128

Конференција за судската и кривичноправната реформа во организација на Коалицијата „Сите за правично судење“

Денеска во организација на Коалицијата на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“ се одржа завршна конференција на тема „Поддршка на судската и кривичноправната реформа“, финансирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Анализата се базира на 400 мониторирани расправи во девет основни судови во Република Македонија. Во овој проект беше спроведен мониторинг на кривични судски постапки во сите 4 апелациони подрачја во Република Македонија. По презентирањето на анализата, на конференцијата имаше корисна дискусија за проблемите што беа забележани на судењата.

Дискусијата, беше потенцирано на денешниот настан, ќе им овозможи на практичарите на законот да ги изразат своите ставови и мислења во однос на Законот за кривичната постапка и неговата имплементација.

Проектот на Коалицијата „Сите за правично судење“ се базира на набљудување на кривични предмети што се водат по Законот за кривичната постапка од 2010 година, од што ќе произлезат заклучоци за имплементацијата на Законот за кривичната постапка, но и за почитувањето на човековите слободи и права, гарантирани со Уставот и со закон, пред судовите во кривичната постапка.

Во Уставот на РМ се пропишува дека слободата на човекот е неприкосновена и никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Целта на Законот за кривичната постапка е да се овозможи правично водење на кривичната постапка, така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка.

Во Законот за судовите, пак, се пропишува дека судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот и судиите во примената на правото ги заштитуваат човековите слободи и права. Судовите ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ често ја истакнуваат и потребата од почитување на Европската конвенција за човековите права. Во Конвенцијата во поглед на правото на правична судска постапка се пропишува дека секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него.

Секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин сè додека неговата вина не се докаже по законски пат и на секој обвинет му се гарантираат  минималните права утврдени во Конвенцијата.

М.В