/ Прочитано:

1.453

Конзервативна регулатива за пристапот на малите и средните претпријатија до финансиските инструменти  – потребни се нови решенија

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ беше промовирана публикацијата „Анализи и предизвици за финансирањето на малите и средните претпријатија во Република Македонија – компаративни искуства од Европската Унија“.

Публикацијата е изработена во рамките на проектот „Финансиски инструменти за малите и средните претпријатија: анализи и нови решенија за подобрување“, поддржан од Европската Унија, а изведен преку Здружението на граѓани „Центар за европско применето право и економија“ – ЦЕППЕ Скопје.

Автори на публикацијата се проф. д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, проф. д-р Александра Максимовска, проф. д-р Александар Стојков, проф. д-р Ненад Гавриловиќ и дипл. економист Бенита Елмази-Адеми.

Малите и средните претпријатија, посочија авторите на публикацијата на денешниот настан, се од огромно значење за секоја економија. Тие се движечка сила и ангажираат голем број вработени, со потенцијал нивните бизниси да растат и да стануваат сè позначајни.

Оттука, нивниот пристап до финансиските инструменти е еден од важните фактори за раст и развој на општеството воопшто. Од друга страна, истакнуваат авторите на публикацијата, во нашата држава пристапот на малите и средните претпријатија до финансиски средства е мошне ограничен, а истовремено и нотиран од Европската комисија како сериозна пречка во спроведувањето на индустриската политика.

Малиот број финансиски инструменти е наведен како проблем и во Стратегијата за конкурентност со акционен план на Република Македонија 2016 – 2020 година. Проблемот, посочуваат универзитетските професори, е повеќеслоен, како кај давателите на финансиски инструменти така и кај корисниците.

Пристапот до финансирање на малите и средните претпријатија е потежок во однос на големите претпријатија, не само поради несовршености на финансискиот пазар, туку од неодамна и поради глобалната финансиска криза.

На домашен план, беше истакнато на денешниот настан, потребна е регулатива која ќе овозможи олеснет пристап на малите и средните претпријатија до финансиски инструменти и до нови идејни решенија. Правната регулатива за користење на финансиските инструменти во РМ се карактеризира со висока конзервативност  и ограничувачки правила кои ги штитат првенствено интересите на финансиските институции.

Воедно, потребна е експертиза, капацитет и искуство за подготовка на квалитетни кредитни барања за финансирање на тековни или инвестициски проекти. Како проблем се јавува и конзервативноста на банкарскиот сектор, кај кој постои расположение за нови инструменти и услуги за чие воведување исто така е потребна промена на строгата правна регулатива на која укажуваат и банките.

Авторите на публикацијата посочуваат на потребата од поголема буџетска поддршка и поддршка од Фондот за иновации, воспоставување на конзистентен систем на регулација, модрена регулација на факторингот и на лизингот, како и поттикнување на платформи за групно финансирање.

М.В