/Прочитано:

851

Коруптивното работење и неусогласеноста со законите е најголемото зло и ризик за една компанија – интервју со Михаела Алберг

Создадовме оддел за етика и усогласеност во кој работат дваесетина експерти, затоа сметам дека оддел за етика и усогласеност е неминовна потреба на компаниите со цел избегнување на правните ризици со кои се соочуваат. Менаџерите на секоја компанија, не само на телекомуникациските, мора да знаат дека кршењето на етичките норми е правен ризик, поради што мора да инсистираат на ефективен етички кодекс и на негово спроведување во рамките на компанијата. Коруптивното работење и неусогласеноста со законите е најголемото зло и ризикот за угледот на компанијата е од недогледни размери.

Михаела Алберг интервју

Михаела Алберг од Стокхолм, извршен директор за усогласеност со законите и со етичките норми во шведскиот телекомуникациски гигант „Телиасонера“, на овогодишната Конференција за управување со правни ризици: правни трендови имаше свое излагање на темата „Усогласување: човечкиот аспект на усогласеноста“.

Во интервјуто за Академик говори за нејзините практични искуства во периодот кога станува клучна личност во компанијата „Телиасонера“, односно кога пред три години го формира Одделот за усогласување на работата со законите и со етичките норми.

Кои сè етички норми и стандарди  мора да ги исполни една телекомуникациска компанија со цел да бие конкурентна на пазарот во Шведска?

Пред неколку години решив да работам на усогласување со законите и со етичките норми. Во 2013 година, кога дојдов да работам во „Телиасонера“, имаше голем скандал. Компанијата имала деловна соработка со неколку азиски земји, но сите постигнати договори биле направени врз основа на корупција. Да бидам искрена, морав да погледнам на карта за да видам каде се наоѓаат тие земји. По долгата и макотрпна работа, откако јас и мојот тим ја презедовме работата во наши раце, успеавме да го разработиме етичкиот кодекс и, што е најважно, успеваме да го натераме раководството на „Телиасонера“ да сфати што значи почитувањето на етичкиот кодекс. Создадовме оддел за етика и усогласеност во кој работат дваесетина експерти, затоа сметам дека оддел за етика и усогласеност е неминовна потреба на компаниите со цел избегнување на правните ризици со кои се соочуваат. Менаџерите на секоја компанија, не само на телекомуникациските, мора да знаат дека кршењето на етичките норми е правен ризик, поради што мора да инсистираат на ефективен етички кодекс и на негово спроведување во рамките на компанијата. Коруптивното работење и неусогласеноста со законите е најголемото зло и ризикот за угледот на компанијата е од недогледни размери.

 

Михаела Алберг

„Телиасонера“ им гарантира политика на приватност на своите клиенти. Како успевате во тоа?

Сметам дека комуникациските оператори во Шведска сè повеќе се насочуваат кон тоа да им помогнат на своите клиенти да ја заштитат приватноста. Навистина мислам така. Заштитата на приватноста на клиентите е приоритет во етичките норми. Мојот тим, т.е. Одделот за етика, посветува огромно внимание токму на ова прашање. Ние соработуваме со многу земји, со Азербејџан, со Узбекистан и така натаму, и секаде успеваме да ги ставиме нашите клиенти на пиедесталот. Јас тоа го нарекувам бизнис-култура или корпоративна култура, а тоа треба да биде усогласено, да биде сосема исто насекаде, без разлика дали се наоѓате во Шведска или во која било друга земја.

Веќе споменавте дека компанијата „Телисонера“ работи во повеќе земји. Кој е клучот на успехот во избегнувањето на ризиците?

Корупцијата е најголемиот проблем, особено кога е системска и кога се вмешани владите на некоја од државите. Морам да кажам дека е огромен предизвик за секоја телекомуникациска компанија својот бизнис да го води во корумпирана средина. Но, постои разработена стратегија за да се надмине тоа. Мора да сте тврдоглави, истрајни, интелигентни, да знаете да преговарате сè со цел да постигнете усогласеност со законите. Едноставно, мора да ги натерате да ги почитуваат утврдените правила кои ги поставила компанијата и, секако, да ги прифатат. Најважно од сè, отворено мора да им се укаже на ризиците од корумпираното работење сè со цел да се избегнат скандали и правни последици, кои најчесто се: загуба од милијарди долари, банкрот и затворање на компаниите.

Михаела Алберг, Академик Конференција 2016

Дали сметате дека управувањето со правните ризици ќе стане тренд насекаде во светот?

Апсолутно. Мислам дека оваа област ќе се развива сè повеќе. Особено ако гледате на тие ризици на начинот на кој јас ги имам согледано во текот на моето богато професионално искуство. Компаниите веќе почнаа да создаваат експертски тимови кои ги пишуваат законите на самата компанија. Станува збор за цели прирачници во кои точно е наведено на какви ризици може да се наиде при работењето и како да се избегнат. Да, затоа велам дека управувањето со правните ризици ќе биде дел од секојдневието во светски рамки.

А. Б.