/ Прочитано:

1.489

КРИВИЧЕН СУД: Казните за адвокатите од „Дива Населба“ се правосилни

Адвокатите беа казнети на почетокот на март од страна на судијката Верка Петковска, која го води предметот „Дива Населба“, поради нарушување на редот во судницата. Адвокатите тогаш бараа на секој бранител да му се овозможи да седи до обвинетиот што го застапува, присуство на најмалку по еден од роднините на обвинетите, како и присуство на новинарите.

Дива населба, прво рочиште

Апелациониот суд го потврдил решението на Кривичниот суд за казните кои им беа изречени на тројцата адвокати во предметот „Дива Населба“. Како што потврдуваат од Кривичниот суд, решенијата за казните за адвокатите се правосилни и се испратени до Адвокатската комора.

Казната од 1 200 евра се однесуваше на адвокатите Насер Рауфи, Бујар Дардхишта и Мефаил Арслани, додека, пак, Рауфи и Дардхишта беа задолжени да ги покријат трошоците за организирање на целата главна расправа, кои изнесуваат околу 40 илјади евра.

„Што се однесува до трошоците за спроводот за време на главната расправа, која беше одложена по вина на посочените адвокати, трошоците се засметуваат по завршување на постапката, а Судот во секое време до завршување на постапката може и да го отповика решението бидејќи, како што наведовме, тие трошоци се пресметуваат по завршување на постапката“, велат од Кривичниот суд.

И од Адвокатската комора на Република Македонија потврдуваат дека го примиле решението. Оттаму наведуваат дека решението за казните ќе го достават на разгледување до дисциплинскиот обвинител, орган на АКРМ, но решението во никој случај не значи дека е направена дисциплинска повреда, во согласност со Правилникот за дисциплинска одговорност на АКРМ.

„Конкретното решение е доставено на разгледување до дисциплинскиот обвинител, кој има рок од 90 дена од денот на приемот да го разгледа, со можност овој рок по барање на обвинителот да се продолжи за 30 дена доколку за тоа постојат оправдани причини“, наведуваат од Комората.

Адвокатите беа казнети на почетокот на март од страна на судијката Верка Петковска, која го води предметот „Дива Населба“, поради нарушување на редот во судницата. Адвокатите тогаш бараа на секој бранител да му се овозможи да седи до обвинетиот што го застапува, присуство на најмалку по еден од роднините на обвинетите, како и присуство на новинарите.

Дива населба, прво рочиште

Според судијката Петковска, адвокатите не се придржувале до наредбите на претседателот на Советот и оневозможиле услови за одржување на главна расправа.

Просторните проблеми за водење на постапката за случајот „Дива Населба“ се наметнаа уште на почетокот на судењето поради тоа што Врховниот суд не му ја отстапи на Кривичниот суд големата сала.

Јавната седница за оцена на обвинителниот акт и првите две рочишта на почетокот на процесот се одржаа во големата сала на Врховниот суд, но оттогаш таа не му е достапна на користење на Кривичниот суд.

Кривичниот суд бил одбиен од претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, и по последното барање за отстапување на салата поради нов околности – спојување на постапките за предметот „Дива Населба“ и „Молња“, со што бројот на обвинети се искачи на 37, бројот на адвокати на 15, а судницата број еден во Основниот суд Скопје 1 стана претесна за сите.

Сега Основниот суд Скопје 1 чека одговор од Министерството за правда од кое побара да му биде определена просторија и надвор од комплексот судски згради каде што ќе може да се одржува овој процес за кој се потребни посебни технички и безбедносни услови.

Дваесет и деветтемина обвинети во „Дива Населба“ за терористичко организирање и тероризам и осумтемина обвинети во „Молња“ за нивно логистичко помагање под силно полициско обезбедување се носат на главна расправа од повеќе затвори во Македонија каде што ја издржуваат мерката притвор. При одржување на рочиште, комплексот судски згради е целосно обезбедуван од припадници на полициските единици, а над градот постојано надлетува и хеликоптер.

М. С.

Адвокатите од „Дива Населба“ ги добиле решенијата за казните и ги обжалиле пред Апелација

(ОБНОВЕНО) Тројца адвокати во случајот „Дива Населба“ казнети по 1 200 евра, двајца од нив треба да ги покријат и трошоците за денешната постапка