/ Прочитано:

705

Кривичниот суд бара разрешување на претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација

Основниот суд Скопје 1 Скопје во вторникот поведе иницијатива до Собранието на Република Македонија за разрешување на Александар Даштевски од претседателското место во Комисијата за заштита од дискриминација.

Како што информираше претседателот на Судот, Иван Џолев, на денешната средба со новинарите, барањето е поднесено поради злоупотреба на службената положба и нестручно и несовесно вршење на функцијата. Поради истата причина, како што кажа, Судот не го прифати и барањето за изземање на судијката Добрила Кацарска поднесено од бранителите на Гордана Јанкулоска.

Тие до Судот доставиле мислење од Комисијата за утврдено вознемирување, од член 7, став 1 од Законот за заштита од дискриминација, потпишано од претседателот на Комисијата Александар Даштевски. Судот веднаш реагирал на мислењето и побарал информација дали се одржала седница на која е донесено решението, но не добил одговор.

Според Џолев, станува збор за преседан и недозволен апсурд во светската судска пракса.

„Сметаме дека тоа е мешање во судската власт. Судот утврдува дискриминација кон некого, а не генерира. Доколку судијката постапувала лошо кон некого, тој може да достави претставка по која одлучува судот“, рече Џолев и додаде дека не може Собранието да утврдува дискриминација од судија, а за Даштевски посочи дека постапувал надвор од своите обврски и нестручно.