/ Прочитано:

1.899

Кривичниот суд објави соопштение во врска со годишниот распоред за работа на судот

Во однос на повеќе новинарски прашања поврзани со годишниот распоред, кои до судот беа испратени од медиумите, одговорот за медиумите го објавуваме јавно и транспарентно, се вели во денешното соопштение на Кривичниот суд.

Соопштението на Кривичниот суд го пренесуваме во целост:

„В.д.претседателот на Основниот суд Скопје 1 – Скопје во текот на вчерашниот ден, на колегиум на сите судии при овој суд, во согласност со Законот за судови, по претходно произнесување на секој од судиите на Колегиум за прибавување милење со изјава за определба за специјализација од секој судија, а со оглед дека се работи за единствен суд во РМакедонија кој работи исклучиво на кривична и прекршочна материја, а со цел исполнување на функцијата како сервис на  граѓаните на Скопје и РМакедонија и во рамките на потребите на судот за распределба на судиите по оддели и одделенија во кривичната област, утврден е и доставен до сите судии годишниот распоред за работа на в.дпретседателот и судиите на Основниот суд Скопје 1 – Скопје за 2017 година.

Зачудува интересот на поединци и објавувањето на невистинитии непроверени информации во однос на годишниот распоред за кој во согласност со Законот за судови, претседателот или в.д.претседателот на секој суд е должен да го утврди, за дасе исполни функцијата на судот и извршителите на судската функција. Секој судија во овој суд е избран за судија на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, а не за оддел или одделение во кое ќе биде распореден да постапува, па нејасна е квалификацијата на ‘подобни и неподобни’судии и нејасно е за кого и во кој контекст. Проценката кој судија во кој оддел или одделение ќе биде распореден е законски утврдена и е право на претседателот или в.д.претседателот на судот, па оттаму нејасни се објавените дезинформации за некакво задоволување на желбите или ‘чистка’на одредени судии.

Годишниот распоред се утврдува единствено во функција на ефикасно работење на судот, а пред сѐ, да се задоволат потребите на граѓаните.

Годишниот распоред почнува да се применува од  1 март 2017 година и во најскоро време списокот на судии ќе биде ажуриран и на веб-страницата на судот.

Судот во целост ги демантира наводите на одредени интернет портали дека со годишниот распоред за работа на судот се прераспоредени само судии кои биле потпишани на петиција против поранешниот претседател или судии кои постапуваат само по предмети на СЈО, или судии што се ‘подобни или неподобни’, со оглед дека судиите се распоредуваат во согласност созакон и потребите по оддели и одделенија зависно од бројот на предмети кои се во работа во судот, со цел да не се дозволи каков било застој во постапувањето и одолговлекувањето на постапките.

За судот е нејасно каква ексклузивна вест претставува годишниот распоред за работа во судот, кога таков распоред се утврдува секоја година и секоја година се вршат распределби и прераспределби на судии по оддели и одделенија,во зависност од потребите на судот, за што и досега јавно и транспарентно сме известувале“.