/ Прочитано:

1.247

Кривичниот суд со соопштение за маратонските судења во предметот за 27 април

„Поради  зачестените обвинувања од страна на бранителите на обвинетите во предметот поврзан со настаните од 27-ми април во Собранието на РМ дека Судот не им овозможува услови квалитетно да ја подготват одбраната поради долготрајноста на судењето, Судот во интерес на транспарентноста на постапката и утврдување на целосната вистина ја информира јавноста дека:

– Правото на судење во разумен рок е едно од фундаменталните правила и принципи утврдени со Европската конвенција за човекови права. Впрочем, поголем дел од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои Р Македонија ги загубила, се однесуваат на судење во неразумен рок, односно непотребно одолговлекување на постапките и пасивност на правосудните органи, со што директно се нарушуваат основните права и слободи на странките во постапките.

‘Маратонското судење’, како што во последно време се квалификува овој процес, е исклучива креација на дел од  одбраната во овој предмет, за разлика од Судот чија интенција е навремено и квалитетно водење на судската постапка, со целосно почитување на правата на странките, и донесување мериторна одлука за утврдување на фактичката состојба за конкретниот настан, што е од интерес и на целокупната јавност.

Во смисла на погоре наведеното,  опструкциите кои доаѓаат од дел од адвокатите во овој предмет може да ја ‘извртат’ реалната слика за судењето. Имено, стручната јавност и претставниците на медиумите кои го следат судењето се сведоци дека процесот долго трае бидејќи поголем дел од поставените прашања од некои бранители или нивните штитеници не се вкрстени, се претходно одбиени или се повторуваат, односно не се во согласност со одредбите од ЗКП. Се поднесуваат барања за изземање на претседателот на судечкиот совет кои и на самите адвокати им е јасно дека се неиздржани, но заради доследно почитување на Законот се прават дополнителни паузи на судењата за да се одлучи по истите барања.

Од друга страна, Судот вложува напори сè со цел почитување на правата на обвинетите кои се во притвор, па за време на судењето се прават дополнителни паузи за ручек. Доколку некојa од странките има здравствени проблеми, Судот е должен да повика медицинска помош, што впрочем и беше случај на две главни расправи, при што првата беше одложена, а на обвинетиот му беше овозможен целосен преглед на Клиниката за кардиологија.

Со оглед дека поголем дел од бранителите во овој предмет имаат обврски и во други предмети,  Судот за конкретното судење насрочи рочишта за во наредните 4 месеци, сè со цел да им овозможи на бранителите навреме да го усогласат својот распоред за работа или доколку е потребно да назначат нивна замена со цел на своите клиенти да им обезбедат квалитетна одбрана.

Дополнително, адвокатите кои најчесто имаат замерки за водењето на овој предмет мора да имаат предвид дека освен нивните штитеници, со конкретниот предмет се опфатени и обвинети кои издржуваат мерка притвор и во нивни интерес е постапката да се води ефективно и навремено.

Сосема на крај, Судот ја информира јавноста дека повреда на членот 6 од ЕКЗП е возможна само доколку странките во постапката немаат ист третман. Ова е од голема важност бидејќи тенденциозните критики кон Судот неаргументирано доаѓаат само од едната странка во постапката. Имено, од известувањата на медиумите, кои го следат секој момент од судењето,  евидентно е дека на ниедна од странките досега не ѝ е ускратено ниту едно од законски утврдените права, а  сето тоа во правец за доследно почитување на принципот на еднаквост на оружјата, утврдување на материјалната вистина, транспарентно водење на постапката и почитување на човековите права“, се вели во соопштението на Судот.

Јавна реакција на Коалицијата „Сите за правично судење“ за предметот „27ми април“: Се постапува на штета на обвинетите

Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ не се чувствуваат виновни

Обвинетите не се терористи и предметот е политички мотивиран, велат адвокатите во воведните зборови за „27 април“

Обвиненија за настаните во Собранието

М.В