/ Прочитано:

3.206

Курс по етика за адвокати подготвен од познатиот американски адвокат Мајкл Г. Карнавас

„Целта на овој курс е скромна: да обезбеди кусо, но контекстуално резиме на етичките обврски на правните застапници/ бранители. Овој курс е придружен со прирачник кој можете да го најдете на следниот линк Прирачник“, посочуваат од Адвокатската комора на Република Македонија.

Според членот 53 од Уставoт, адвокатурата е „самостојна и независна јавна служба“. За таа цел, Законот за адвокатура и Кодексот на професионална етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на АКРМ (Кодекс на АКРМ) ја обезбедуваат правната и регулаторна рамка која ги гарантира самостојноста и независноста на правната професија општо, а особено на адвокатите, чија самостојност и независност мора да се практикуваат во рамките на одредени дефинирани законски и етички граници.

„Сепак, имајќи предвид дека Адвокатската комора ги има потпишано и прифатено Повелбата на основните начела на европската правничка професија на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (Повелба на CCBE) и Кодексот на однесување на европските адвокати на CCBE (Кодекс на однесување на CCBE), фактот што во новиот Закон за кривична постапка беа воведени одредени странски модалитети што потекнуваат од системите на обичајно право и имајќи предвид дека работата на адвокатите не мора да е ограничена само на нивната национална територија, произлегува потребата за разгледување и споредување на различните кодекси на правна етика и професионално однесување. Од таа причина, освен анализата на Кодексот на етика на АКРМ во споредба со оној на CCBE, во овој материјал ги разгледуваме и кодексите што потекнуваат од државите со континентално и со обичајно право и од Меѓународната адвокатска комора (МАК)“, истакнуваат од АКРМ.

Овој материјал, појаснуваат од АКРМ, воопшто не треба да биде сфатен како сеопфатна расправа за прашањето на адвокатската и професионалната етика, туку како приказ на основните компаративни етички и професионални начела – применети во различни држави, кој би им бил од корист на домашните адвокати подобро да ги разберат своите етички и професионални обврски во извршувањето на секојдневните професионални задачи.

Курсот е подготвен од Мајкл Г. Карнавас, адвокат од САД со над 30-годишно искуство, вклучувајќи и меѓународно искуство пред Меѓународниот кривичен суд (ICC), Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (ICTY), Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда (ICTR), како и Вонредните совети во судовите во Камбоџа (ECCC). Во изминатите 20 години тој обучува правни практичари и студенти по право за адвокатски вештини за време на судење. Од октомври 2006 до март 2009, тој претседаваше со Асоцијацијата на бранители кои постапуваат пред ICTY.

КУРСОТ МОЖЕТЕ ДА ГО ПРОСЛЕДИТЕ НА СЛЕДНИОВ ЛИНК: http://www.brrln.org/e-learning/course/view.php?id=77

М.В