/ Прочитано:

5.263

Лажни вести – дефинирање и правни предизвици

Во однос на влијанието на лажните вести со кои се шират погрешни информации, новинарката од „Њујорк тајмс” Сабрина Тавернизе во една своја колумна пишува дека лажните вести не влијаеле врз кампањата за претседателските избори во САД, но по нејзиното завршување ваквите вести се претвориле во масовно политичко оружје. Поддржувачите на левичарските политики ги обвинуваат десничарите дека најмногу потпаѓаат под влијанието на лажните информации.

компјутери

Лажното информирање на јавноста се прави со цел намерно да се објави некоја пропаганда или дезинформација, а социјалните мрежи се користат за да се засили нивното ширење и нивната читаност. Разликата помеѓу лажните вести и вестите што служат за забава или сатира е во тоа што со првите се прават напори да се заведат читателите за финансиски, за политички или за други цели. Во последно време лажни сајтови се промовираат во Германија, Индонезија и Филипини, а многу од тие сајтови потекнуваат и се промовирани од Русија, Романија и од Македонија.

Во однос на влијанието на лажните вести со кои се шират погрешни информации, новинарката од „Њујорк тајмс” Сабрина Тавернизе во една своја колумна пишува дека лажните вести не влијаеле врз кампањата за претседателските избори во САД, но по нејзиното завршување ваквите вести се претвориле во масовно политичко оружје.

Поддржувачите на левичарските политики ги обвинуваат десничарите дека најмногу потпаѓаат под влијанието на лажните информации.

Масовната појава на овие вести го инспирирала професорот Сандер ван дер Линден од Универзитетот „Кембриџ”, од Катедрата за психологија, да развие „вакцина“ за да ги  направи луѓето имуни на пропагандата што се шири со ваквите дезинформации и за која вели дека е како вирус кој лесно се пренесува од читател на читател.

Неговата идеја е да ја примени когнитивната психологија (гранка на психологијата посветена на изучувањето на човековото сознавање, учење и однесување) и преку неа да создаде отпорност кај луѓето на таквите информации, така што следниот пат кога ќе отворат таква вест да не ја ни забележат и лесно да ја одминат. Со неговиот експеримент, спроведен врз околу 2 000 граѓани на САД, на граѓаните им била презентирана една иста вест во две различни верзии – вистинска и лажна.

Психолозите утврдиле дека кога двете информации биле последователно презентирани, во комбинација со мали дезинформации во форма на предупредување, имале многу помало влијание врз граѓаните.

Во меѓувреме, германските власти предложиле создавање на посебна владина единица за борба против лажните вести во пресрет на парламентарните избори на 24 септември оваа година.

Во врска со правниот дел од овој светски проблем, интересен е случајот на сирискиот емигрант Анас Модамани во Германија кој минатата година ја тужеше компанијата „Фејсбук“ бидејќи не ја спречила лажната вест која го поврзувала со тероризам.

Имено, по пристигнувањето во Берлин во септември 2015, тој ја искористил можноста да се слика со канцеларката Ангела Меркел, која го посетила кампот каде што бил сместен.

Веднаш откако ја објавил сликата на својот фејсбук-профил, на социјалните мрежи се појавиле вести кои прво го поврзале со терористичкиот напад во Брисел, а потоа и со нападот на трговскиот центар во Берлин. Тој дури и го деактивирал својот фејсбук-профил во обид да се заштити, но жената кај која подоцна престојувал како потстанар му кажала дека неговата фотографија се појавила на интернет.

Адвокатот на Модамани, Чан Јо Јун, во ноември 2016 година повел истрага против Марк Зукерберг  и против останатите извршни директори на „Фејсбук” бидејќи, и покрај жалбата на Модамани, од социјалната мрежа Фејсбук не биле тргнати расистичките коментари и написи за него, кои според германското право претставуваат говор на омраза.

За „Би-би-си” Јун изјавил дека „Фејсбук” многу лошо се справува со протекувањето на лажните вести, особено со оние лажни вести кои содржат клевета врз некоја личност.

Адвокатот Јун поднел барање до „Фејсбук” да забрани објавување на сликата на емигрантот Модамани во контекст со терористичките напади во Берлин и во Брисел. Претставник на „Фејсбук” изјавил дека откако го добиле барањето, го оневозможиле пристапот до содржината, па затоа сметаат дека оштетениот нема никаква основа да тврди дека е повредено некое негово право.

Според тврдењата на адвокатот, сепак не е отстранета целата содржина која шири говор на омраза и сè уште можат да се најдат слики на социјалната мрежа.

Процесот е во тек, а првото рочиште ќе се одржи во судот во Вурзбург, Германија, на 6 февруари оваа година.