/ Прочитано:

5.793

Наспроти стереотипите: Легализација како начин на сузбивање на трговијата со наркотици – адвокат Јанаки Митровски

Магистерскиот труд насловен како „Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици“ се занимава со анализа на досегашната светска и македонска легислатива посветена на конкретниот проблем. Адвокатот Јанаки Митровски посочениот магистерски труд овој месец успешно го одбрани на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, и во него ги опфаќа клучните елементи и аргументи за анализа на конкретното прашање и тематика преку аспектите на легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици. Сепак, како што вели Митровски, тој е реалист кој е свесен дека во државата не постои инфлуентна политичка партија која ќе биде спремна да го плати политичкиот цех спроведувајки вакви радикални мерки, а имајќи предвид дека македонското општество сè уште е во голема мера конзервативно.

Магистриравте на тема која спаѓа во редот на прашањата кои предизвикуваат глобален интерес, особено заради постмодернистичкиот резон на артикулација на правото, низ теорија или законодавна практика. Би ни кажале ли што всушност поконкретно опфаќа вашата теза, до какви сознанија дојдовте, кои се компаративните решенија и каков предлог давате за практична инклузија на поставената тематска целина?

Магистерскиот труд насловен како „Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици“ се занимава со анализа на досегашната светска и македонска легислатива посветена на конкретниот проблем. За прв пат тогашната Социјалистичка Република Македонија преку својот Кривичен Законик од 1977 година го инкриминира производството, преработката или размената на стоки чиј промет е забранет или ограничен преку членовите 137 ставови 3 и 4 и членот 138. Иако експлицитно не е наведено како посебно кривично дело, евидентно е дека токму тоа е интенцијата на законодавецот во 1977 година имајки го предвид фактот дека тогапната СФРЈ е потписник на Единствената конвенција за наркотични дроги од 1961 година и Конвенцијата за психотропни супстанци од 1971 година. Од предвидените санкции забележливо е дека тогашното квазикомунистичко раководство не ги перцепира нелегалните наркотици и нивниот проток како крупен проблем – максимална казна од три години затвор за производство и максимална казна од пет години затвор за продажба, со предвидена максимална казна од осум години затвор за припадници на организирана група препродавачи.

Во 1996 година со новиот КЗ Македонија преку членот 215 го предвидува како посебно кривично дело неовластеното производство, држење заради продажба, продажба на наркотици за кој првично предвиде казна затвор од една до десет години со подоцнежно подигање на минималната казна од една на три години затвор. Подоцна се вметна и привилегиран облик на делото, а тоа е продажба, пренесување или производство на помали количини наркотици, психотропни супстанци или прекурзори. Но, токму во овој дел се јавува вакум од причина што КЗ е недоречен, односно не појаснува која количина ја поима како „помало количество“, ниту пак членот 122 кои ги појаснува значењата на изразите во КЗ не ни дефинира што подразбира по „помало количество“.

На крајно илегален начин, апсолутно излегувајќи вон своите ингеренции Јавното обвинителство преку задолжителното упатство Дов.бр.16/2010 го пополнува правниот вакум и им налага на сите застапници на обвинение да поднесуваат обвиненија по член 215 за секоја запленета количина над 5 грама марихуана, 2 грама кокаин и 2 грама хероин. И формално тука нема проблем, ЈО има право на интерни упаства, но во пракса се јавува проблем бидејки судот го третира ова упатство небаре е извор на право, што секако не е. Како конкретен пример ќе ви посочам пресуда која е составен дел од мојот труд во која обвинетиот НН лице е уапсено на патен правец Петровец – Скопје со 61 грам марихуана. Во текот на постапката лицето признава дека ја набавило марихуаната, но исклучиво за лична употреби, го открива лицето од кое ја набавило, значи соработува со полицијата, обвинителството не нуди ниту еден единствен доказ за продажба, нема сведок, нема полицаец кој набљудувал, нема ПИМ мерка, марихуаната не била пакувана во малопродажни количини, апсолутно ништо и покрај се доволна е само една реченица на обвинителот: „Од запленетата количина е јасно дека истата била наменета за продажба“ и наместо да судечкиот судија го фрли таквото обвинение во отпад каде што и припаѓа, се врши препис на образложението на обвинението без запирка да се измени и обвинетиот доби ефективна казна затвор од 14 месеци, од што јасно се гледа дека зборот на обвинителот се третира како божјо слово.

Покрај правната недореченост и злоупотребата на истата од страна на ЈО и кривичните, главен мотив за одбирање на оваа тема ми беше и погрешниот пристап како во нашата држава така и во најголемиот дел од светот кога се работи за трговијата со наркотици, но и лажната борба против неа. Во 2007 година македонската полиција на граничниот премин Блаце заплени 486 килограми чист кокаин кој помешан со неутрална смеса за малопродажба ќе достигне и тежина од околу еден тон и тоа се преставуваше во сите телевизии и весници како огромен успех. За каков успех говориме кога по мое видување тоа само значи дека во Републиката постои пазар на конзументи кој ќе исконзумира цел тон наркотик кој секаде е класифициран како А класа дрога, односно спаѓа во редот на најопасните наркотици.

Со легализацијата/декриминализацијата на трговијата со наркотици ќе се тргне една од главните причини за оддавање кон наркотици кај младата популација, а тоа е љубопитноста да се проба она што е забрането. Покрај тоа доколку трговијата со наркотици се стави под државна протекција и надзор, тоа ке овозможи многу „почисти“ наркотици. Свесен сум дека овој дел ке биде начекан „на нож“ од македонската конзервативна средина, но со тоа што ќе викаме „уа наркомани и така ви треба“, овие луге нема да исчезнат, ниту тоа им ја решава адикцијата.

Во магистерскиот труд вршам и компаративен осврт со земји кои прибегнале кон декриминализација/депенализација на овој тип дела, но и на пар земји кои имаат тврди закони по овие прашања. Недвосмислено се заклучува дека се неоправдани стравовите дека легализација/декриминализација ќе доведе до екплозија на употреба на наркотици, што апсолутно не е точно и статистиката тоа јасно ни го говори. На пример Португалија, која во 2001 го декриминализираше поседувањето наркотици за лична употреба за СИТЕ наркотици има најмал процент на годишна преваленција на употреба на наркотици во Европа-2.7% за канабис, но и ноторно ниска преваленција за употреба на тешки наркотици – 0.2% за кокаин и 0.1% за хероин. Или за компарација во Холандија процентот на годишна преваленцијана конзумација на марихуана за 2009 е 7% додека во САД е 11.3%. Кај хероинот во Холанднија за 2009 преваленцијата е 0.5% додека во САД е трипати повисока 1.5%. Но, постои и друг аспект- затворската популација на 100.000 луге во САД брои 716 затвореници додека во Холандија на 100.00 луге има 82 затвореници. Ноторен е фактот дека прохибицијата носи криминал, а еклатантен пример за тоа е Американската прохибиција на алкохол. Во последната година 1933 во Америка има над 12 илјади убиства, додека во 1941 година таа бројка паѓа на околу 8.000. Или како посвеж пример може да се земе Мексико каде од прогласување на war on drugs во 2006 до 2011 животот го загубија 40.000 луѓе.

Во однос на конкретните предлози треба да се истакне дека поради правни пречки де јуре е невозможна легализација на кој и да е наркотик. Горното од причина што РМ е потписник и на Единствената конвенција за наркотици од 1961 и на Конвенцијата за психотропни супстанци од 1971 и на Конвенцијата проитв нелегалната трговија со наркотични дроги и психотрпони супстанци од 1988 година кои облигаторно наложуваат пропишување на кривични дела за производство, култивација, пренесување и продажба на наркотици. Затоа се предлага еден вид полу решение преку декриминализација/депенализација на употребата на наркотици на лична основа преку модификување на постоечките или воведување на нови членови во КЗ.

Бидејќи сум реалист,  свесен сум дека во РМ не постои инфлуентна политичка партија која ќе биде спремна да го плати политичкиот цех спроведувајки вакви радикални мерки, а имајки предвид дека македонското општество сè уште е во голема мера конзервативно. Но, она што МИНИМУМ мора да се направи е да се регулира кое количество наркотици ќе се смета за лична употреба и негово евентуално префрлање во редот на прекршоци. Но, тоа да се чини преку интервенција во КЗ или може и Врховниот суд да си заземе став, а не на мала врата преки ЈО. Друга работа која Република Македонија МОРА да ја учини е да изврши градација на наркотици согласно нивната опасност по здравјето на лугето и потенцијата за креирање на адикција на човековиот организам. Нашата држава е една од ретките во светот чиј казненоправен систем не разликува, и идентично пенализира трговија со екстази и трговија со хероин. Морам да напоменам и дека градацијата на наркотици е и меѓународна обврска која Републиката ја има од Конвенцијата против нелегалната трговија со наркотични дроги и психотропни супстанци.

Во таа насока, каква е функцијата на правото во однос на рушењето на општествените стереотипи и конзервативност?

Заедно со политичката одговорност на учесниците во политичкиот живот – клучна. Мораме како правници да бидеме погласни по сите правно неиздржани решенија. Еве конкретно на секој адвокат му е позната злоупотребата која ја чини ЈО во поглед на недореченоста на член 215, па никому ништо. Од друга страна конзументите на наркотици во континуитет се стигматизираат и фрлаат на маргините, како да тоа ке ги направи невидливи.

Дали идеолошкиот супстрат на адвокатурата подразбира и нонконформизам и слобода на личноста и колку аргументите на животниот стил на адвокатот се во постојан „спор“ со униформноста на професијата?

Апсолутно. Е сега, индивидуално е кој адвокат колку си држи до својот дигнитет. Говорам за себе кога ви велам дека не трпам ни секунда судии кои не заслужуваат да бидат судии, односно се тенки на стручна спрема. За разлика до стереотипното сфаќање – адвокатот не е дел од системот, напротив во најголемиот дел од случаевите е контра него и верувајте дека борбата е Давид и Голијат. Слободата на личноста на адвокатот мора да биде изразена преку неговата спремност да влезе во клинч со судија кој крши процесни права, не знае да примени право итн. Народски кажано не смее да биде подлизурко.

Во однос на вториот дел од прашањето, еве за себе морам да признаам дека кога почнував со стажирање како приправник стереотипно сметав дека ке имам проблем со судии поради мојот несекојдневен изглед, иако тој термин ми е туѓ. Но, на мое огромно задоволство еве две години како правник и две и пол како адвокат ниеден судија не ми направил проблем од било кој тип ниту за момент, а не ни треба.

Која област од правото најмногу ве импресионира?

Казненото право беше и дел од мојата насока на факултет и истото од секогаш најмногу ме привлекувало, но откако работам како адвокат и најмногу ме разочарува, говорам за примената во пракса. Тука пред се мислам на ултрапривилегираната положба која ја имаат застапниците на обвинението што е во директна колизија со начелото на еднаквост на странките бидејки ЈО исто како и јас како адвокат сме странки со еднакви права, но тоа е само мртво слово на хартија. Неиздржани обвиненија, парадоксална ситуација да обвинет треба да докажува невиност што нема никаде, 90% на успешност во жалбена постапка, нема укинување притвор ако ОЈО не даде позитивно мислење, нема алтернативна мерка ако ЈО не даде согласност дека нема да се жали (видете погоре процент на успешност) и многу други се секојдневните небулози со кои се соочуваме.

Кои се ваши следни научни амбиции, планирате ли докторат како продолжение на магистерското образование и конкретната научна тема?

Имајќи во предвид дека трудот го бранев на трети јули се уште е рано да размислувам за докторат. Се уште не сум размислувал, но сметам дека во наредните неколку години ке се посветам на адвокатурата. Доколку некогаш правам докторат со сигурност ке биде посветен на илегалниот Хашки трибунал кој на очиглед на сите на мускули крши неколку основни постулати во казнена постапка – ограниченост на притворот на пример, но и неисплаќањето отштета кога обвинетиот се ослободува што е своевиден правен парадокс, но на жал – Сила Бога не моли, или евентуално ќе го посветам на владеачките кругови на глобалната сцена како школски пример за организирана банда криминалци.

Она што морам да го истакнам е дека добив полна подршка од сите тројца членови на комисијата за одбрана на труд составена од професорите Гордана Бужаровска, Александра Деаноска и Методија Каневчев за најголем дел од предлозите кои овој труд ги содржи. И секако морам да бидам благодарен на привилегијата да како ментор ја имам проф. др. Гордана Бужаровска која ми даде полна поддршка при изготвување на оваа уникатна магистерска теза.


Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 13. 07. 2014