/ Прочитано:

5.805

Љубомир Јовески именуван за нов јавен обвинител на Република Македонија

Со 61 глас „за“ и еден „воздржан“, Собранието на РМ го именуваше Љубомир Јовески за нов јавен обвинител. Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава. Јавниот обвинител го именува и разрешува Собранието за време од шест години. Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област.

Роден сум на 3.1.1954 година, во с. Долгаец, Прилепско. Средно образование завршив во гимназијата „Цветан Димов“ во Скопје, а на Правниот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје дипломирав во 1978 година. Правосудниот испит го положив пред комисијата на Републичкиот секретаријат за правосудство во 1983 година“, пишува во својата биографија Љубомир Јовески.

Во биографијата Јовески наведува дека во 1979 година по дипломирањето се вработил во Републичкиот секретаријат за правосудство каде што и ја започнал својата понатамошна професионална кариера. Во 1987 година Јовески бил избран за судија во Општинскиот суд Скопје 2, каде што бил и заменик-претседател на судот. Љубомир Јовески во 1996 година бил вршител на должност и во еден мандат бил избран и за претседател на Основниот суд Скопје 2. Како судија постапувал по предмети од кривичната област.

Во 2003 година судијата Љубомир Јовески бил избран за заменик-јавен обвинител во ЈОРМ, а за јавен обвинител во 2009 година. Оваа функција ја вршел сè до неговиот избор за член на Советот на јавните обвинители во 2015 година.

Љубомир Јовески бил и претседател на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, а во два мандата бил и член на претседателството на Сојузот на здруженијата за пенологија на Македонија, а во еден мандат и негов претседател.

„Сум бил претседател и на Собранието на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и имам учествувано во повеќе работни групи за изработување на повеќе закони од областа на правосудството – Кривичниот законик, законите за кривичната постапка, за обвинителството, за судовите, за Академијата за судии и јавни обвинители, за прекршоците, за извршувањето санкции, за Советот на јавни обвинители и други“, истакнува Јовески во својата биографија, каде што наведува дека бил учесник и на повеќе значајни советувања од областа на правосудството.

Професионалната биографија на Љубомир Јовески, предложен за нов јавен обвинител на Република Македонија

М.В