/ Прочитано:

3.861

Марко Аурелиј, владетелот филозоф: Да се живее според законите е важно – и за државата и за мир во себе

На денешен ден е роден Марко Аурелиј, римскиот владетел кој ја владееше филозофијата, но и филозоф кој владееше со државата, номинално и фактографски според замислите на Платон, кој можеби не ја конструираше идеалната држава, но создаде интроспективен идеал за „дневникот на неговата душа“ како стоички израз за местото на човекот во општеството и пред законите еманирани од римскиот правен дух.

Идеен постулат на тој потврден историски дух и вредност бил стремењето кон природното право, како синтеза со стоичкото учење, кој во својата изворна идеја ја содржел антропоцентричната премиса на еднаквоста меѓу луѓето и градење на космополитското единство.

Влијанието на стоицизмот врз римскиот правен дух особено се препознава во контекст на „природниот закон“ преку симбиозата на духовното и материјалното, кое треба да го отсликуваат законите за имаат квалитативен општествен дискурс на она што е идеја на правото и правдата.

Стоицизмот претставува културолошки мост помеѓу античката филозофска и римска правна мисла. Стоицизмот во својот филзофски супстрат го детерминира човекот како индивидуа која треба да ги спознае законитостите што владеат во општеството и космополитски да се колективизира во една светска држава на човештвото.

И според Платон, државата и правото имаат корен во етиката и нивната цел е остварување на доблеста кај луѓето, а во центарот на етичкото учење е проблемот на државата – теорија  позната како „учење за идеалната држава“ преку кое се еманира неговата замисла и претпоставка владетелот да биде филозоф. Ваквата замисла на Платон, барем во фактографска смисла, се остварила преку ликот на Марко Аурелиј, владетелот- физософ кој остави свој значаен белег и во историјата на правната филозофија и во филозофијата и културата воопшто.

Владетелот и филозоф Марко Аурелиј живеел и владеел во периодот кога Римското царство полека започнува да го губи сјајот на епохалната сила и доминантност, но од друга страна тоа е време кога паралелно протекуваат неговите интензивни филзофски мисли, засновани на стоичките принципи и преточени во книгата „За самиот себе“ како концентриран филозофски амбиент на вештината да се живее. Филозофот Бертранд Расел ќе рече дека преку читањето на Аврелиј се забележува и самото заоѓање на Рим кога најистакнатите протагонисти пронаоѓаат свое емотивно прибежиште во етиката, што пак квалитативно не ја дефокусира смислата на потрагата по себе, од сократовски аспект.

Младиот Аурелиј, наведуваат историските извори, е посвоено дете на владетелот Антониј Пиј, а роден е во угледно римско семејство со потекло од Шпанија. Во својата младост Ауерелиј е познат и по прекарот Версимус што ја сугерирало неговата вљубеност и посветеност кон вистината и правдата.

Како наследник на Антониј Пиј, во внатрешната политика Марко Аурелиј, владеел во договор со римскиот Сенат, како највисоко законодавно тело, а карактеристично е што во своето влаедеење, покрај внатрешното политичко балансирање, е што големите, претежно наследени финансии од своите претходници, ги вложувал во земјоделството и аграрната култура.

Сепак, и покрај добрата економска состојба, многубројните војни ја исцрпувале државата, нешто што секако го исцрпило и самиот Аурелиј кој умрел од болест во близина на денешна Виена, на еден од тие воени походи во Европа, борејќи се со Квадите и Маркоманите, за да подоцна биде наследен од синот Комод, запаметен во историјата како владетел без способностите на својот татко.

И покрај тоа што традицијата во Рим била во договор со Сенатот, владетелот да го избере најспособниот наследник, ваквата практика била прекршена од Аурелиј кој го поставил Комод за свој помошник, потег кој историчарите го оценуваат како штетен и погрешен, но како што наведуваат некои од нив, тоа било емотивна одлика и одлука на еден „чувствителен филзоф и цар“.

Чувствителноста на Аурелиј најдобро се препознава во неговото пронаоѓање на утеха во личните исповеди, изразени преку филозофски мисли, предупредувања, совети и поуки.

Неговиот прозен текст „За самиот себе“ во кои ги искажувал своите духовни состојби и општествено правно-политички согледби, денес претставува еден од најпреведуваните извори на античката филозофија, преку кој најевидентно се согледува практикувањето и живеењето во склад со стоичките учења и самото хуманистичко вреднување и расположение на владетелот Аврелиј.

„Ништо не придонесува толку за духовната величина како способноста да ја согледаш секоја работа со која ќе се судриш во текот на животот, за да ти се разјаснат и нејзините односи и значење спрема космосот во кој припаѓаат, потоа какво е значењето на поединецот како на граѓанин на врховната држава, во која одредени држави значат исто што и некоја куќа во некој крај и способноста да знаеш што е што, и од кои делови е составено, колку долго може да постои само по себе и која доблест ни е потребна: благост, храброст, вистина, верност“, вели Аурелиј во посоченото дело.

Тој вели дека она што следува секогаш е во тесна врска со претходното и дека за се постои логична поврзаност во согласност со начелото на каузалитет и дека е потребано да се мисли на заедничката суштина од која сите се дел.

„Она што не и штети на државата, не му штети ни на граѓанинот. Секогаш кога претпоставуваш дека си оштетен помисли на правилото: ако државата не е оштетена, не сум оштетен ни јас“, посочува филозофот според кого чудно е и што луѓето повеќе сакаат да бидат фалени од своите потомци отколку да живеат со своите современици.

„Секогаш знај дека твоето парче земја е исто така убаво како и другите предели. Работите се исти овде доле и горе на врвот од планината, и на морскиот брег и насекаде… Питагорејците учеле дека наутро треба да се погледне кон небото, да се потсетиме на оние кои секогаш одат по истиот пат и на ист начин ги извршуваат своите дела, на нивниот поредок“ говори Аурелиј, повикувајќи се на Епиктет според кого „Никој не може да не спречи во нашиот слободен избор“.

„Човеку, беше граѓанин на оваа голема држава. Што ти значи дали си бил пет или сто години. Важно е дали си живеел според нејзините закони. Зарем е зло ако од државата те прогонат, не некој тиранин или неправеден судија, туку самата природа која те довела во неа…Ти самиот не си одговорен за тоа. Затоа појди со блажена мисла, бидејќи оној кој те вика е полн со блаженство“, го завршува Аурелиј со овие зборови своето вонвременско филозофско дело.

М.В. / veljanoskim@akademik.mk

26.04 2014