/ Прочитано:

1.870

Масовни протести во Полска против реформите во судството и нацрт-законот за судиите во Врховниот суд

Опозицијата во Полска тврди дека најавените реформи ќе доведат до целосно уништување на независноста на судиите и дека длабоко ќе ја поткопаат демократијата.

Реформите во судството што ги најави владејачката партија во Полска, а потоа усвои и закон за нивно спроведување, беа причина за масовни протести на граѓаните во поголемите градови во земјата. Опозицијата во Полска тврди дека најавените реформи ќе доведат до целосно уништување на независноста на судиите и дека длабоко ќе ја поткопаат демократијата.

Имено, доцна во петокот, пратениците во полскиот Парламент изгласаа закон кој му овозможува на националното собрание поголеми овластувања при именување судии. Аналитичарите во Полска сметаат дека со ваков чекор се нарушува уставната поделба на власта.

Исто така, владејачката конзервативна евроскептична Партија на правото и правдата (ПиС) предложи и нацрт-закон со кој треба да се сменат сите судии во Врховниот суд, освен оние што се избрани од министерот за правда.

Протестите во текот на викендот најсилен интензитет имаа во Варшава, каде што  демонстрантите собрани под знамињата на Полска и Европската Унија го нарекуваа Јарослав Качински, лидерот на ПиС и неформален државен лидер, „диктатор“.

Од своја страна, пак, Качински вели дека неговата партија има демократски мандат да ги засили ефикасноста и отчетноста на судството. По победата на изборите во 2015 година, партијата го опседна Уставниот суд и му даде на министерот за правда контрола врз канцеларијата на државниот јавен обвинител.

Со закани за судски процес против Полска, како што пишува „Ројтерс“, челниците на Европската Унија изјавија дека овие мерки ги уриваат демократските принципи на контрола на власта, обвинување што ПиС го негира.

Опозициските лидери во текот на протестите ги повикуваа демонстрантите да останат пред Парламентот до вторник, кога пратениците треба да дебатираат за законот за Врховниот суд, најавувајќи дека нема воопшто да дозволат отпочнување на дебата за таков закон.

Лидерот на политичката групација „Граѓанска платформа“, Грегож Штејна, истакна дека нивната голема битка тукушто започнува, додека полската државна телевизија ТВП повиците за блокирање на дебатата ги нарекува „обид за организирање преврат против демократски избраната власт“.

Во текот на викендот, покрај во Варшава, илјадници граѓани протестираа и во Краков, Катовице и други градови.

По масовните протести на граѓаните кои се сè повеќе незадоволни од владеењето на ПиС, аналитичарите оценуваат дека Партијата на правото и правдата сè повеќе се изолира од западните сојузници во Европската Унија и како што велат, сè повеќе се свртува кон авторитарен начин на владеење, како што е случајот со Унгарија.

А. Б.