/ Прочитано:

2.145

Меѓународен ден на социјалната правда

На меѓународно ниво денеска се одбележува Денот на социјалната правда, кој е посветен на борбата против сиромаштијата, невработеноста и еднаквоста. Генералното собрание на Обединетите нации на 26 ноември 2007 година го одреди 20 февруари како Ден на социјалната правда, кој  почна де се одбележува од 2009 година.

Целта на одбележувањето на овој ден е промовирање на солидарноста, еднаквоста и рамноправноста, како во рамките на државите така и помеѓу земјите.

Во денешното соопштение од Обединетите нации нагласуваат дека социјалната правда е основниот принцип за мирен и просперитетен соживот во и меѓу народите. Социјалната правда ја унапредуваме кога ги отстрануваме бариерите со кои се соочуваат луѓето поради пол, возраст, раса, етничка припадност, религија, култура или попреченост.

Мирот и развојот, велат од Обединетите нации, зависат од социјалната правда.  Во таа насока, од Обединетите нации упатуваат и на Декларацијата на Меѓународната организација на трудот за социјална правда заради праведна глобализација

„Основните вредности на слободата, човечкото достоинство, социјалната правда, безбедност и недискриминација се суштински за одржливиот економски и социјален развој и ефикасност“, се вели во Декларацијата.

Социјалната правда, покрај хуманизмот и солидарноста, е една од темелните вредности на македонскиот уставен поредок.

Социјалната правда, велат по повод денешниот ден од Министерството за труд и социјална политика,  е основен предуслов за мир и просперитет во една држава.  Од Министерството ги повикуваат пратениците да гласаат за законите од социјалната и детската заштита, кои се во собраниска процедура, со кои ќе се изгради поправедно и похумано општество за сите  граѓани.

„Ги повикуваме пратениците да гласаат за социјалната реформа, заедно да изградиме поправедно и вистинско хумано општество. Со овие закони Министерството за труд и социјална политика ја спроведува социјалната реформа, со која ќе извлечеме 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштија, но и ќе обезбедиме еднакви шанси за секое дете. Имено, со овие реформи пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати. Детскиот додаток наместо досегашните 3.200 деца, ќе го користат 73.500 деца, а образовниот наместо 3.800 деца, 64.316 деца. Наша крајна цел е со овие додатоци да ја намалиме детската сиромаштија, која во моментот изнесува близу 30%. Ова значи дека едно од три деца живее во сиромаштија. Нашиот фокус го насочуваме кон тоа да им помогнеме токму на овие семејства. Со социјалната реформа за првпат системот го отвораме за лицата со ниски примања. Така, додатоците за семејства со деца кои живеат во сиромаштија ќе се зголемат за повеќе од 100.

Истовремено, со новиот пакет закони социјалната помош се зголемува за 300%, но овозможуваме и полесна активација на невработените на пазарот на труд. Со воведување на социјалната пензија обезбедуваме достоинствен живот за оние кои го граделе нашето општество, а немаат извор на приход од кој можат да се издржуваат.

Со социјалната реформа овозможуваме праведна распределба на средствата, кои ќе бидат насочени кон оние на кои навистина им се потребни. Ги повикуваме сите пратеници да се обединат и да ја изгласаат оваа реформа, со која ќе создадеме поправедно општество за сите наши граѓани и на сите следни генерации им обезбедуваме подобар живот“, се вели во соопштението на МТСП.

Денеска и граѓанските организации побараа во Собранието итно да се стават на дневен ред законите  за социјална заштита и за заштита на децата.

„Членките на Македонската платформа против сиромаштија и пријателските организации изразуваат загриженост поради одлагањето на донесувањето на Законот за социјална заштита и дополнувањето на Законот за заштита на деца и бараат нивно итно ставање на дневен ред на Собранието. Со оглед на алармантната ситуација со сиромаштијата во земјата, неопходно е веднаш да се отпочне со новите решенија, со кои се прави обид за суштинска реформа на системот на социјалната заштита и начинот на кој ќе се овозможуваат услугите од социјална заштита. Исто така, сакаме да истакнеме дека овие предлози ги адресираат нашите забелешки кои се однесуваат на системски недостатоци и недоволните капацитети на институционално ниво во социјалната заштита, а се нотирани и во меѓународни извештаи кои се однесуваат на оваа сфера“, велат од Македонската платформа против сиромаштија.

Граѓанските организации бараат во Собранието итно да се стават на дневен ред законите  за социјална заштита и за заштита на децата

Новиот Закон за социјалната заштита во собраниска процедура со европско знаменце

Утврден пакетот закони за социјалните реформи

Објавен текстот на Предлог-законот што предвидува социјална пензија на стари лица

МТСП подготвува измени на Законот за заштита на децата

Јавна консултација за Предлог-законот за социјална заштита

Извештај за предлог-реформата на системот на социјална и детска заштита

Ќе се менуваат законите за пензиското осигурување и за придонесите од задолжително социјално осигурување

Во подготовка Закон за социјална сигурност за старите лица: Посебно парично давање за старите лица кои не оствариле пензија

Во подготовка Закон за социјалната заштита, чија цел е подобрена ефикасност на социјалните услуги

М.В