/ Прочитано:

3.961

Меѓународен ден на жената

Денеска на глобално ниво се одбележува 8 Март – Меѓународниот ден на жената. Во 1910 под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Борбата за правото на глас за жените, борбата против закана од војна, борбата за грижа за мајките и децата и борбата против пораст на цените биле едни од барањата истакнати на оваа Конференција.

Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените се јавува на почетокот на 20 век, а на неа посебно инсистирало социјалистичкото движење. Но од сите нив, најголемите заслуги се на Роза Луксембург и Клара Цеткин. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД, по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Претходно, во 1908 година, 15.000 жени барајќи право на глас, скратено работно време и подобра плата, марширале низ улиците на Њујорк под мотото „Леб и рози“. Лебот бил симбол на економска сигурност, а розите биле симбол на подобриот живот.

Следната година, на 19 март 1911, овој празник за првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири. Во Русија по иницијатива на Александра Колонтај, 8 март за првпат е прогласен за државен празник.Во 1977 година, Генералното собрание на ОН усвојува предлог со кој 8 март се прогласува за Меѓународен ден за правата на жените и меѓународниот мир.

Еден од позначајните документи што се однесува на правата на жената е Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во 1979 година.  Оваа Конвенција е позната и како „Женски закон“.

„Малку каузи за кои се залагаат Обединетите нации предизвикале толку интензивна и распространета поддршка колку кампањата за промовирање и заштита на еднаквите права на жените. Повелбата на Обединетите нации истакнато ги потврди еднаквите права на мажите и жените. Оттогаш, Обединетите нации помогнаа да се изгради структура на меѓународно договорени стратегии, стандарди, програми и цели за да се унапреди статусот на жените низ целиот свет“, истакнуваат од Обединетите нации во врска со Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените и нејзиниот факултативен протокол.

Камен-темелникот на таа структура е Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во 1979 година.

Често опишувана како меѓународен закон за правата на жените, оваа Конвенција го дефинира значењето на дискриминацијата врз жените и утврдува правни обврски за земјите членки да стават крај на таа дискриминација. На 6 март, 2003 година, приближно 170 земји станаа членки на Конвенцијата, обврзувајќи се со тоа да ја остварат еднаквоста меѓу мажите и жените преку обезбедување на еднакви можности на сите полиња, политичкото, граѓанското, економското, социјалното или културното, како и во семејниот живот.

Тие земји, исто така, се обврзаа да известуваат до Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените за преземените чекори за исполнување на своите обврски. 10 декември 1999 година, последниот Ден на човековите права од дваесеттиот век, исто така, имаше особена важност за сите коишто работат на унапредување на уживањето на човековите права од страна на жените.

На тој ден, Факултативниот протокол кон Конвенцијата беше отворен за потпишување, ратификација и пристапување од страна на земјите што веќе беа членки на Конвенцијата. Во земјите што се членки на Протоколот, жените чиишто права биле нарушени и коишто ги исцрпеле националните правни лекови можат да бараат обесштетување од независно меѓународно тело – Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените. Со Протоколот, исто така, се овластува Комитетот по сопствено наоѓање да истражува тешки или систематски повреди на одредбите од Конвенцијата.

„Човековите права на жените и девојчињата се неотуѓив, составен и неразделив дел од универзалните човекови права. Еднаквото учество на жените во политичкиот, граѓанскиот, економскиот, социјалниот и културниот живот на национално, регионално и меѓународно ниво и искоренувањето на сите форми на дискриминација врз основа на пол се приоритетни цели на меѓународната заедница“, се посочува и во Виенската декларација и Програма за акција во врска со Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените.

Во Конвенцијата се нагласува дека е потребно надминување на идејата за стереотипни улоги на мажите и жените и изменување на општествените и културните шаблони на мажите и жените заради елиминирање на практиките засновани врз идејата за стереотипизација на половата улога или за инфериорноста или супериорноста на кој било од половите.

Мошне значаен документ во рамки на Советот на Европа е и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, популарно нарекувана Истанбулска конвенција, која содржи досега најсеопфатни законски решенија и политики за заштита од насилство врз жените. Македонија ја потпиша Конвенцијата и ја ратификуваше оваа Конвенција.

М.В