/ Прочитано:

2.339

Мерката финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија најатрактивна за фирмите

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција информираше за реализацијата на дел од мерките за поддршка на мали и средни претпријатија, како дел од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2018 година.

„Овие мерки имаат цел да ги поттикнат фирмите во нивниот развој и конкурентност, па ако во втората половина од минатата година со ребалансот на буџетот овие средства ги зголемивме за цели 180%, па претприемачите имаа на располагање солидна сума од 25 милиони денари, годинава таа поддршка ја зголемивме за дополнителни 60%, т.е. издвоивме 38 милиони и 390 илјади денари, а програмата ја збогативме со нови мерки, креирани на барање и во корист на претприемачите. Нашата цел беше што поголем број на мали и средни претпријатија да добијат можност да ги исползуваат средствата и да имаат корист од мерките. А бидејќи се тие основни двигатели на една економија, среќен сум што придонесуваме во раздвижување на економската база“, рече Бектеши.

Интересот за мерките беше огромен, а принципот на доделување на средства беше „прв дојден, прв услужен“.

Од 13-те мерки за поддршка на развојот на мали и средни претпријатија, најатрактивна беше мерката финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, за која беа издвоени и најмногу средства, и тоа 20 милиони денари, а максималниот износ на субвенција по фирма беше 5 илјади евра. Годинава 81 фирма добија средства, главно за набавка на опрема, алати или за проширување на производството или дејноста. Со мерката субвенционирање на трошоци на занаетчии, за која беа издвоени вкупно 2,2 милиона денари, поддршка добија 19 субјекти, за женско претприемништво со обезбедените 2 милиона денари поддржани се 16 жени претприемачи, а за сертификација на системи за квалитет според ИСО-стандарди буџетот од 800.000 денари беше распределен помеѓу 12 фирми.

Како што соопшти министерот, ова воедно беа и мерките за кои јавните повици беа објавени најрано, т.е. во првата фаза и со кои вкупно 128 фирми добија поддршка. Во втората фаза беа објавени јавните повици за кофинансирање на проекти за развој и поддршка на МСП и промоција на претприемништвото, со буџет од 2 милиони денари, кофинансирање на програмски активности на мрежите на бизнис-ангели (1 милион денари) и за купување на опрема, инструменти, алат од страна на фирмите кои ќе се користат исклучиво за обука на лица за стекнување на занимања во износ од 2,4 милиони денари.

„За овие средства во вкупен износ од 5,4 милиони денари јавните повици неодамна завршија, па во периодот што следува комисиите ќе ги разгледуваат апликациите, а во моментов активни се јавните повици за кофинансирање на проекти на занаетчиски комори и еснафи, за кофинансирање на трошоците за едукација на вработените лица, за поддршка за основање на 1 нов технолошки парк во рамки на универзитетите во Република Македонија, за покривање на дел од трошоците за одобрени проекти по ЕУ-програмите КОСМЕ и за воведување и сертифицирање на ХАЛАЛ-систем“, истакна Бектеши, додавајќи дека е во тек исплатата на средствата за поддршка на активностите на кластерите, за кои беа издвоени 5 милиони денари, додека јавниот повик за мерките од индустриска политика трае до крајот на овој месец, а на располагање беа 3,8 милиони денари, главно за фирмите од преработувачката индустрија.

Бектеши апелираше до компаниите да аплицираат и за тековните јавни повици за преостанатите мерки со кои нашите мали и средни претпријатија ќе добијат помош во достигнување на што повисоко ниво на конкурентност и остварување на нивните предвидени деловни активности.

За фирмите што ги исполнија условите од јавните повици, а не успеаја да добијат поддршка поради брза реализација на средствата, министерот за економија охрабри дека доколку се создадат услови за добивање на дополнителни средства во случај на ребаланс на буџетот, ќе имаат можност да ја добијат својата поддршка.

М.В