Месечен информатор за дискриминација
Хелсиншкиот комитет за човековите права на Република Македонија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје го спроведува проектот „Заштита од дискриминација“. Една од активностите во рамките на овој проект е издавање месечни информатори кои имаат за цел да ја информираат јавноста за бројот и видот на регистрирани случаи на дискриминација во земјата на месечно ниво, поведени постапки за заштита од дискриминација, судска практика од домашните судови и Европскиот суд за човековите права, практика на Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација, како и преземените активности на здруженијата на граѓани и релевантните институции во полето на заштита од дискриминација. Информаторот можете да го преземете на следниов линк.
Нееднаквиот третман кон определено лице или група лица поради нивните лични карактеристики претставува дискриминација. Основите, видот и областите во кои се забранува дискриминацијата најдетално се опфатени со Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Прифаќањето на различностите и заштитата од дискриминација се многу важни за напредокот на секое општество. Од овие причини, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Хелсиншкиот комитет ги набљудуваат случаите на дискриминација, активностите на државата и другите здруженија на граѓани во делот на превенцијата и заштитата од дискриминација.
Информаторот ги прикажува податоците од набљудувањето во текот на еден месец. Месечните информатори вклучуваат и податоци за случаи и мислења дадени од страна на Народниот правобранител.
M.В