/ Прочитано:

1.374

МЕСТО ИМА ЗА СИТЕ, НО МАЛКУМИНА ПРЕЖИВУВААТ: Десет совети за здраво промовирање на адвокатската дејност

Правничката традиција на западниот свет, преку пробивот на модерните технологии и работните навики произлезени од новите трендови на пазарот, доживува вистински препород. Освен заострена конкуренција, новата средина ја обележуваат сè поголема разновидност на адвокатските канцеларии, сè помал адвокатски монопол во одредени области, како и досега невидена примена на дигиталните алатки во работното секојдневие. Ваквите развојни пројави му наметнуваат на адвокатот потреба што повеќе да се посвети на унапредувањето на својата дејност и на промовирањето на своето име. Пренесуваме неколку клучни моменти од советите што во таа насока им ги упатува Американската адвокатска комора на своите членови.

1. Мнозина адвокати мислат дека ако добро си ја вршaт работата, луѓето сами ќе почнат да им се обраќаат. Тоа е невидена заблуда: на луѓето постојано им требаат потсетници. Размислете за својата целна група на пазарот и истражувајте за да се запознаете со главните актери во нишата што ја претставувате. Не срамете се и прашајте ги поискусните колеги за сè што ви е нејасно.

2. Одржувајте го контактот со бизнисмени за коишто мислите дека можат да Ве препорачаат, без оглед на тоа колку сте зафатени во моментот. Поканете ги на кафе дури и кога имате доволно голем проток на клиенти. Избегнувајте да ја критикувате на глас која било фирма од домашниот пазар, зашто никогаш не се знае дали утре токму нејзе ќе ѝ биде потребна Вашата услуга.

3. Ако сте воспоставиле практика на испраќање електронски честитки по повод новогодишните празници, зошто да не преминете на вистински картички? Во доба на информатичката технологија стана вистинска реткост да се засведочи „човечното“ внимание на соработниците. Обидете се да го преточите својот дух во неколку реченици. Никој не би останал рамнодушен.

4. Кога ќе дојдете во допир со потенцијален клиент, посветете се на неговите непосредни потреби и на проблемите што моментно го засегаат: ако му е потребен извршител, одважете се и посочете му некого што го познавате. Вниманието што сте му го посветиле ќе ви се исплати во иднина: ако утре некој од него побара препорака за адвокат, добри се шансите да Ве препорача токму Вас.

5. Потрагата по вистинската стратегија за промовирање на Вашата дејност може да донесе слаби резултати ако форсирате лажна слика за себе. Останете приземни во прикажувањето на своите способности и изнајдете начин што верно ќе ја пренесе сликата за Вашите услуги, без надградување вакви или онакви варијации што немаат врска со стварноста.

6. Не мора да ја давате својата визит-карта на секого што ќе го сретнете на некој прием или на одреден стручен собир; тоа може да остави наметлив впечаток. Напротив, бидете иницијаторот што бара визит-карти од другите и уште истиот ден испратете им е-порака со сите детали за дејноста и за Вашата канцеларија. На тој начин подобро ќе го запомнат Вашето име.

7. Не пропуштајте ги настаните што ги организира адвокатската комора во која сте зачленети. Адвокатите упатуваат судски случаи само на луѓе што лично ги познаваат. Ако не ве гледаат доволно често, нема да помислат на Вас. Дотолку поважно, одете на настани со намера да дадете, а не да земете. Поставувајте прашања. Секаде и секогаш. Не постојат глупави прашања.

8. Бидете присутни на светската мрежа со официјална интернет-страница, каде што ќе бидат обединети сите подробности во врска со Вашата работа. Обликувајте ја својата презентација на начин што ќе го побуди интересот на некое лица да контактира со Вас. Најдете „златна средина“ помеѓу „професионалното“ и „приватното“ во приказот за себе.

9. Инсталирајте програмска алатка за следење на статистиката на Вашата интернет-страница. Редовно проверувајте кои клучни зборови биле пребарувани од некое лице за да се поврзе со Вашата страница. Направете список од овие поими и што почесто вметнувајте ги во Вашите објави. Тоа ќе ја исфрла интернет-страницата што почесто на врвот од пребаруваните резултати.

10. Побарајте листа на гости пред да присуствувате на некој бизнис настан и идентификувајте ги поединците со кои би сакале да се запознаете. 

Објавено: 15.09.2014