/ Прочитано:

2.356

Министерство за финасии: Македонија со висока стапка на доходовна нееднаквост

Анализата, која ја презентираше советникот во Кабинетот на министерот за финансии, Бранимир Јовановиќ и која за прв пат се објавува, покажува дека Македонија има висока стапка на нееднаквост (14%) меѓу граѓаните по основ на доход и како што потенцираше, постои тенденција на нејзин раст. „Највисокиот доход што е остварен во 2016 година изнесувал 2,6 милиони евра, а 15 лица оствариле доход над еден милион евра. Доход над 500 илјади евра минатата година имале 66 лица, над 200 илјади евра доход оствариле 283 лица, а 775 лица имале доход од над 100 илјади евра. За високата доходовна нееднаквост укажува и податокот дека 775-те лица кои имале над 100 илјади евра доход заедно оствариле доход од 190 милиони евра што е еднакво на вкупниот остварен доход на 210 илјади лица кои имале најниски приходи“, посочи Јовановиќ.

Министерството за финансии денеска презентираше податоци за доходовната нееднаквост во Македонија, односно за тоа како доходот е распределен помеѓу граѓаните. Анализата, која ја презентираше советникот во Кабинетот на министерот за финансии, Бранимир Јовановиќ и која за прв пат се објавува, покажува дека Македонија има висока стапка на нееднаквост (14%) меѓу граѓаните по основ на доход и како што потенцираше, постои тенденција на нејзин раст.

„Во последните 10 години, прашањето за доходовната нееднаквост стана посебно важно меѓу економистите. Имено, се појавија студии што покажаа дека високата нееднаквост води кон понизок економски раст, може да доведе до појава на финансиски кризи, може да ја намали социјалната мобилност, односно веројатноста некој што се раѓа како сиромашен да стане богат во својот живот и поради сите овие причини во развиените земји се појавија податоци за нееднаквоста во месечните доходи на населението. Најнизок јаз во доходовноста има во Холандија и во Данска (најбогатите, 1 отсто заработуваат околу 6 проценти од вкупниот доход на населението, во Германија и во Велика Британија овој процент е 13 отсто, а во Македонија, која е прва земја во регионот што објавува вакви податоци, стапката на доходовната нееднаквост изнесува 14 отсто“, истакна Јовановиќ.

Презентирајќи ја анализата, Јовановиќ појасни дека ако во 2016 година просечниот личен доход изнесувал 302 евра месечно, најбогатите, односно 1 процент во Македонија имале просечен доход од околу 4.200 евра месечно.

Како пример беше наведена новинско-издавачка куќа, каде што 466 вработени добивале по околу 280 месечно, а само еден вработен добивал 21 илјада евра. Сличен пример, како што рече Јовановиќ, е и текстилна фабрика во која 376 вработени добиваат просечен доход од 140 евра, а 1 вработен добива во просек по 73 илјади евра месечно.

„Педесет проценти од луѓето во Македонија што остваруваат доход имаат доход што е под 212 евра месечно, 70 проценти имаат доход што е под 297 евра месечно, 90 проценти имаат доход што е под 495 евра месечно, а од друга страна 2 проценти од луѓето имаат доход што е над 1.044 евра, додека еден процент од луѓето имаат доход што е над 1.523 евра. Највисокиот доход што е остварен во 2016 година изнесувал 2,6 милиони евра, а 15 лица оствариле доход над еден милион евра. Доход над 500 илјади евра минатата година имале 66 лица, над 200 илјади евра доход оствариле 283 лица, а 775 лица имале доход од над 100 илјади евра. За високата доходовна нееднаквост укажува и податокот дека 775-те лица кои имале над 100 илјади евра доход заедно оствариле доход од 190 милиони евра што е еднакво на вкупниот остварен доход на 210 илјади лица кои имале најниски приходи“, посочи Јовановиќ.

Целта на Министерството за финансии, како што денеска беше нагласено, не е само јавноста да има увид колкава е доходовната нееднаквост во земјава, туку овие податоци укажуваат дека се потребни суштински промени во одредени економски политики.

„Кога говорам суштински промени во одредени економски политики, пред сè, мислам на зголемување на минималната плата и донесување на Законот за стечајни работници, како и менување на даночната политика. Неопходна е даночна реформа со која трендот на намалување на даночниот товар кај најбогатите ќе се смени во спротивна насока, односно да има раст, како што е тоа во сите развиени земји“, рече Јовановиќ. 

Министерот за финансии Драган Тевдовски нагласи дека анализата, од една страна, има огромно значење, пред сè, за креирање на нови економски и социјални политики, а од друга страна, како што рече, со објавување на вакви податоци се создава притисок да се работи на намалување на доходовната нееднаквост.

До крајот на 2017, како што потенцираше Тевдовски, се очекуваат првите предлози за даночна реформа.

„Подготвуваме даночна реформа, а за нејзиниот успех е важно да бидат согледани сите важни прашања и да биде опфатен и институционалниот капацитет бидејќи тоа е сериозно прашање. До крајот на годинава ќе излеземе со нашите предлози за даночна реформа“, истакна министерот Тевдовски.

А. Б.