/ Прочитано:

2.300

Министерството за финансии подготвува нов Закон за акцизите

Министерството за финансии подготвува Предлог-закон за акцизите чија цел е усогласување со европското законодавство и подобрување и промена на системските решенија поврзани со акцизите.

„Целта на Предлог-законот е усогласување со директивите на Европската Унија од областа на акцизите. Воедно, во Предлог-законот се предлагаат нови системски решенија кои ќе стапат во сила со денот на применување на Предлог-законот, модифицирани системски решенија во однос на постојниот Закон за акцизите кои ќе стапат во сила со денот на примена на Предлог-законот, како и нови системски решенија кои ќе се применуваат со влез на Република Македонија во ЕУ“, посочуваат од Министерството за финансии.

Со новиот закон, образложуваат од Министерството, предвидени се повеќе поволности, како што се пониските акцизи за малите произведувачи на алкохол. Со новиот Закон за акцизи, малите дестилерии ќе плаќаат 50% од полната акцизата по литар алкохол, а земјоделците мали производители – 8,5% од полната акциза по литар алкохол. Кај големите производители на алкохол акцизата останува иста.

Дополнително, со новиот Закон за акцизи се овозможува увоз и пуштање во промет на нови тутунски производи, како несогорливиот тутун, кои граѓаните не можеа да ги набават во нашата земја, па ги набавуваа од странство.

Понатаму, се предвидува акцизата за тутунските производи и алкохолните пијалаци да се плаќа со пуштање во промет на производот. Досега акцизата се плаќаше однапред, со подигањето на акцизните марки.

Заради следење на увозот и извозот на струјата, природниот гас, јагленот, коксот и лигнитот, овие производи стануваат акцизни добра со новиот закон, со тоа што нивната акциза се одредува на 0%. Ова значи дека нема да има промени во цената на овие производи поради новиот Закон за акцизи.

М.В