/ Прочитано:

1.288

Министерството за финансии за издавањето на еврообврзницата

Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал издаде еврообврзница на износ од 500 милиони евра, со рок на достасување од 7 години и каматна стапка од 2,75 %, информираат од Министерството за финансии.

„Ова е историски убедливо најниската каматна стапка постигната за која било од македонските еврообврзници, како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал. За споредба, каматните стапки на претходно издадените пет еврообврзници се движат меѓу 3,975 % и 9,875 %. Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница беше во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над 7 пати повисока од понудата, што претставува еден од најцврстите можни докази на довербата на инвеститорите во стабилноста на Македонија и во исклучително позитивните перспективи на македонската економија. Високата побарувачка овозможи да се постигне  каматна стапка од 2,75 % на годишно ниво, односно стапка на принос од 3 %. Како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, приливите од еврообврзницата ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на ПБГ-кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра, која довтасува на крајот на јануари. Притоа, паралелно со издавањето на еврообврзницата, Македонија за првпат изврши и делумен предвремен откуп на постојната еврообврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година, која довтасува во декември 2020 и чијашто каматна стапка на издавање од 4,875 % е значително повисока од каматната стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75 %. Покрај каматните заштеди, со предвремениот откуп се намалува долгот кој довтасува во 2020 година, односно значително се намалува ризикот од рефинансирање“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.