/ Прочитано:

1.538

Министерството за правда да го информира ГРЕКО за превенцијата на корупцијата на пратениците, судиите и обвинителите

Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за реализација на препораките на ГРЕКО (Група на држави против корупција) на Советот на Европа дадени со Извештајот за евалуација на Република Македонија – Четврт круг, на тема: „Превенција на корупцијата кај членовите на Собранието, судиите и обвинителите“ и го задолжи Министерството за правда да го достави до ГРЕКО вториот ситуациски извештај со кој ќе информира за целокупниот прогрес во однос на реализацијата на препораките.

Во Извештајот за евалуација на Република Македонија – Четврт круг се вели дека, што се однесува на членовите на Парламентот, ни едно од препорачаните подобрувања не се имплементирани ни делумно. Одредени иницијативи се пријавени како елаборација на кодексот на однесување за парламентарци, но оваа и други реформи се во застој уште во рана фаза.

Од ГРЕКО препорачуваат забрзување на постапката на донесување Етички кодекс на однесување за членовите на Собранието и осигурување дека тој ќе биде лесно достапен за јавноста. Исто така, препорачуваат и воспоставување на соодветен механизам во рамките на Собранието кој ќе го промовира Кодексот и ќе ја подигне свеста меѓу неговите членови во врска со стандардите кои се очекуваат од нив и кој ќе ги спроведе стандардите онаму каде што е потребно.

Во таа насока, од ГРЕКО препорачуваат да бидат развиени внатрешни механизми во рамките на Собранието и насоки за спречување судир на интереси и примање подароци, гостопримство и други предности, и усогласеноста со овие принципи од страна на парламентарците да биде соодветно мониторирана.

„ГРЕКО жали што засега Собранието не презело мерки во врска со оваа препорака. Како што е истакнато во претходната препорака, изработката на Етичкиот кодекс на однесување за парламентарци е стопирана во рана фаза. Властите се осврнуваат на прирачник кој е усвоен од ДКСК, кој може да се најде на англиски јазик на интернет“, се истакнува во Извештајот на ГРЕКО.

Минатиот месец од Транспаренси интернешнл предупредија дека не се постапува по забелешките на ГРЕКО за пратениците, судиите и обвинителите.

„Република Македонија не вложува доволно напори, не презема доволно активности за борба против корупцијата и сè уште не е постапено и не се отстранети забелешките на ГРЕКО (Групата држави за борба против корупцијата на Советот на Европа) од Извештајот донесен во декември 2013 година. Ова го потврдува и неодамнешната изјава на Марин Мрчела, претседател на ГРЕКО, кој говорејќи на Тркалезната маса „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“, во организација на ОБСЕ и Академијата за судии и јавни обвинители, истакна дека ГРЕКО очекува препораките да се исполнат не поради самата Група на држави за борба против корупцијата, туку поради граѓаните на Република Македонија. Од 19 препораки во извештајот, три се исполнети, десет се делумно исполнети, а шест не се воопшто исполнети“, велат од Транспаренси интернешнл – Македонија.

„Се надевам дека Македонија може да ги исполни препораките на ГРЕКО. Досегашниот резултат не е за пофалба. Ние го чекаме извештајот. Рокот е 31 јануари 2018 година и кога ќе го добиеме извештајот, ќе видиме каква е ситуацијата“, рече Мрчела, кој пак во интервјуто за Академик истакна дека транспарентноста е клучниот збор за спречувањето на корупцијата кај парламентарците и политичарите.

„Она за коешто треба да се води сметка, а кое го правиме за спречување на корупцијата кај судиите и обвинителите, што ги вклучува и парламентарците, се прашањата кои се јавуваат помалку или повеќе во сите држави, и на тие подрачја не е потребно да се направат само промени и систем, туку потребно е да се прави и надзор на тој систем. На пример, при конфликт на интереси треба да се знае што да се направи точно, па ако се случи, да се направи нешто. Клучниот збор е транспарентноста и особено се однесува на политичарите, затоа што ним не им суди никој друг туку избирачите. Ако веќе треба да им се суди, тоа е прашање на кривично дело. Но судирот на интереси не мора да значи противправно дејство во смисла на кривично дело. Потоа, исто така, треба да се води сметка за контактите со трети лица, во смисла на лобисти, затоа што и тоа мора да биде транспарентно. Исто така, од голема важност е прашањето за укажувачите затоа што мора да бидат заштитени оние што во добра вера ја пријавуваат корупцијата“, подвлече претседателот на ГРЕКО во интервјуто за Академик.

М.В