/ Прочитано:

2.093

МИОА најави нов Закон за висока раководна служба: Раководителите ќе се избираат преку индивидуализирани процедури

Владата на вчерашната седница ја прифати Информацијата за носење на Закон за висока раководна служба, информираше денеска министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Целта на оваа реформа е поставување на јасни стандарди и критериуми, како и целосна транспарентност при изборот и при разрешувањето на раководителите на институциите во Македонија.

„Македонија е прва земја од регионот којашто со започнување на оваа реформа, се обврзува преку нов закон да утврди јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Ова е можеби еден од најважните чекори во процесот на професионализацијата на администрацијата, што е една од главните цели на процесот на реформа на јавната администрација. Тоа ќе се постигне преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и правична застапеност. Со овој концепт ќе се постигне професионализација на високите раководни позиции“, истакна министерот Манчевски.

Со новиот Закон за висока раководна служба ќе се воспостави унифицирана процедура за назначување на раководна позиција, професионализација на раководните позиции, издвоена од политичкото управување, со политичка одговорност.

Како што истакна министерот Манчевски, во високата раководна служба вработувањата ќе бидат преку систем на заслуги и процедури на јавен оглас отворен за сите граѓани со високо образование. Раководителите ќе се избираат преку индивидуализирани процедури.

„Преку оваа реформа, исто така, сакаме да воспоставиме и пракса на постојана ревизија на раководителите на институциите. Тоа значи дека тие ќе бидат предмет на оценување една година по назначувањето, и на секои наредни две години. Со воведувањето на системот на оценување ќе се зголемат ефикасноста, квалитетот, ефективноста, а со тоа и одговорноста на овие служби, за разлика од моменталната состојба, каде што отсуствуваат сите овие индикатори“, заклучи министерот Манчевски.

М.В