/ Прочитано:

1.535

МИОА започнува со спроведување на хоризонталната анализа на јавната администрација

Министерството за информатичко општество и администрација започнува со спроведување на хоризонталната анализа на јавната администрација. Според министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, ова значи дека конечно во Македонија ќе се воведе ред во хаосот што постои во системот.

„На овој процес му претходеше мапирање на постојните институции во земјата. На почетокот на годината, со поддршка од канцеларијата на УНДП во Скопје, беше спроведена анализата на правната рамка со која се регулираат институциите од јавниот сектор. Направивме и мапирање на институциите од јавниот сектор и групирање по статус и вид, линии на одговорност и други релевантни информации. Дополнително, беше спроведена хоризонтална функционална анализа на инспекциските служби. Целта беше да се оцени поставеноста на инспекциските служби во системот на државно уредување, нивната меѓусебна поврзаност, внатрешната организација и систематизацијата на работни места, интерните работни процеси, располагањето и користењето на опрема и средства за работа и слично“, вели Манчевски.

Овие две анализи ја даваат основата на концептот за реорганизација. Придобивките од хоризонталната анализа, додава министерот,  се повеќекратни:

– ќе се воспостават рамки за институционална организација;

– ќе се адресира проблемот со преклопување на надлежностите на институциите;

– ќе се реши и проблемот со институции со еден човек;

– ќе имаме јасни критериуми за тоа кои институции од кого можат да бидат основани, која институција пред кого одговара. Ова ќе се обезбеди со прецизна и јасна законска рамка.

Целта е институциите да се групираат по области на дејствување и да се дефинира нивниот профил.  Министерствата да се профилираат како креатори на политики, агенциите да спроведуваат политики, а функцијата на надзор ќе биде во надлежност на инспекторатите. Да се поедностави работата.

На подолг рок ова ќе значи и ревизија на Законот за организација на органите на државна управа.

„Можеме да очекуваме дека во текот на спроведувањето на хоризонталната анализа ќе се појави потреба од укинување на институции, намалување на бројот на управни одбори. Крајната цел е да се подобри работата на институциите, а со тоа и квалитетот на услугите што им ги нудат на граѓаните.

Со оваа реформа Владата одговара на препораките на Европската комисија, СИГМА и многу други меѓународни организации. Изготвен е и акциски план со временска рамка и со чекори што треба да ги преземат Владата и релевантните институции со цел да се финализира хоризонталната функционална анализа, да се одреди моделот на реорганизација и да се пристапи кон негова имплементација“, посочува министерот Манчевски.

М.В