/ Прочитано:

955

Мисија за подобрување на системот на административната правда и ефикасното решавање на управните спорови

Во Секретаријатот за европски прашања, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерката за правда, Рената Дескоска, и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, одржаа средба со експертите кои се дел од Мисијата за оценување на Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, управна постапка и управно право, организирана од страна на Европската Унија.

Создавањето на поефективни и поефикасни административни постапки за граѓаните, беше нагласено на средбата, е цел на третата мисија поддржана од Европската Унија како дел од поддршката за Владата на Република Македонија во спроведувањето на реформските заложби.

Целта на мисијата е да ја процени ефикасноста и ефективноста на системот на административната правда во државата, односно да го анализира системот за решавање на управните спорови во јавната администрација на централно и локално ниво, како и работата на судиите на Управниот суд и системот на жалби преку Вишиот управен суд.

Од експертите кои учествуваат во мисијата се очекува да дадат  совети и препораки за сите овие области за кои би можеле да го засноваат развојот и спроведувањето на политиките, во делот на  планираните измени на Законот за управни спорови, кои треба да се усвојат во месец септември 2018 година.

На средбата беше истакната заложбата за координиран меѓуресорски пристап заради овозможување поквалитетни, поефикасни и поедноставни услуги за граѓаните.

„Владеењето на правото претставува фундамент во изградбата на современо, ефикасно и демократско општество и воедно е најважната придобивка за граѓаните од процесот на европски интеграции. Од особено значење за напредокот на Република Македонија е подобрувањето на судскиот систем, особено во делот на управните спорови во јавната администрација на централно и на локално ниво“, истакна на средбата заменик-претседателот на Владата Бујар Османи.

„Имајќи предвид дека е потребен добар и функционален систем на управна правда за силно, независно и ефективно судство, претстојната мисија нуди одлична можност да се процени системот на управно одлучување во Република Македонија“, додаде Османи.

Министерката Дескоска се заблагодари за поддршката што ја добива Владата на Република Македонија во спроведувањето на реформските заложби и истакна дека постои голем простор административните постапки да се одвиваат побрзо и поефикасно за граѓаните да дојдат побрзо и полесно до административна правда.

М.В