/Прочитано:

683

Мисијата на ОБСЕ во Скопје го промовираше Правниот коментар на Законот за кривична постапка

Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска го промовираше Правниот коментар на Законот за кривична постапка. На настанот беше нагласено дека реформата на казненоправниот систем денес претставува приоритетна правна, политичка и општествена задача на Република Македонија.

Автори на Правниот коментар се: проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Гордана Лажетиќ, Лидија Неделкова, судија на Врховниот суд, Маја Денковска, судија на Основниот суд Куманово, Мери Тромбева, јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Битола, д-р Тодор Витларов, јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Штип, д-р Павлина Јанкуловска, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Битола, и м-р Дељо Кадиев, адвокат од Скопје. Уредник и соработник на Коментарот на ЗКП е Ана Новакова-Жикова, национален офицер за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Состојбите во судството, како никогаш досега, имаат централно место во стручните и во политичките расправи и се наведуваат како главна пречка во процесот на интеграција во ЕУ и во НАТО. Денес се наоѓаме во потрага по една модерна европска кривична постапка, во која ќе се почитуваат човековите права и слободи, но која истовремено ќе биде и доволно ефикасна“, истакнуваат авторите во Прваниот коментар на Законот за кривичната постапка.

Во таа насока, на денешниот настан авторите изразија особена благодарност на Мисијата на ОБСЕ во Скопје што го препознала значењето на овој труд за развојот на кривичното процесно право и правилната примена на Законот за кривичната постапка во практиката.

Во нашата држава, подвлекуваат авторите на Коментарот, со мали измени, доста долго се применуваше поранешниот југословенски ЗКП, заснован врз моделот на т.н. мешовита казнена постапка, кој влече свои корени уште од Наполеоновиот француски ЗКП и од него изведениот австриски ЗКП, во поранешна Југославија внесен најпрвин преку Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

„Долгогодишната примена на овој закон кај практичарите создаде едно чувство на навика, ако може така да се каже. ЗКП од 2010 година воведе еден сосема нов модел на казнена постапка, заснован врз западната идеологија на човековите права и на англо-американската идеологија за фер судење според моделот на т.н. адверзијална (акузаторна) постапка. Овие се, пак, во темелите на меѓународните стандарди за човековите права, кои денес се правно задолжителни за државите“, нагласуваат авторите.

Ова, додаваат авторите, ја нагласи потребата од нов коментар во којшто подетално ќе се објаснат особено некои од позначајните новини со цел правилно да се толкува законот во смисла на неговите основни идеи и вредносни определби.

Во Коментарот посебно внимание се посветува и на прашањата кои во досегашната примена на Законот се покажаа како спорни, односно прашања кои предизвикаа недоразбирања и дилеми. Како значајна водилка во практиката за прв пат се користи и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човековите права, покрај практиката на домашните судови и на судовите од регионот.

„Во прилог на секоја глава е наведена и релевантната домашна и странска литература, која е натаму соодветно цитирана во текстот на коментарот. Текстот е организиран прегледно, така што за секој став на секој член од законот има соодветен коментар со истиот реден број како што е во законот.  За некои членови и ставови се дадени упатувања кон други членови, односно соодветни коментари на членови од законот кои се на некој начин меѓусебно поврзани, со цел подобро да се објаснат, но и од аспект на економичност – да не се повторуваат исти или слични работи. Коментарот е првенствено наменет за практичарите, судиите и обвинителите, адвокатите и обвинетите, полициските службеници и за сите други кои се занимаваат со казнената постапка, вклучително и новинарите“, се образложува во воведот на Коментарот.

Текстот, додаваат авторите, бездруго ќе биде корисно четиво и за сите кои допрва се обучуваат во вештините на казненото право, студентите по право и безбедност, постдипломци од различни области и докторанди.

М.В